Џафери во Турција се сретна со претставници на компании присутни со свои претставништва во Македонија

Од:

Во продолжение на официјалната посета во Република Турција на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, се остварија и две средби во Истанбул, на кои, исто така, присуствуваа и другите членови на Делегацијата, односно г. Весел Мемеди, потпретседател на Собранието, г. Енес Ибрахим, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција и г. Јусуф Хасани, член на Пратеничката група за соработка.

Првата средба беше всушност работна вечера која ја приреди г. Билал Кара, претседател на Деловниот совет Турција – Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција (DEİK), којшто е во рамките на Министерството за економија.

На вечерата беа поканети претставници на компании кои веќе се присутни со свои успешни претставништва во Република Македонија и компании кои се заинтересирани да го прошират своето делување во Македонија и Регионот, водени од позитивните искуства на другите.

Претседателот Џафери, во својот поздравен збор, констатираше дека овој импресивен состав на бизнис-претставници сам по себе говори за фактот дека Македонија е конкурентна бизнис-земја која нуди навистина поволни услови за странските инвеститори и чијашто инвестиција е заштитена со важечките закони кои со последните измени нудат еднакви услови за сите инвеститори, и за странските и за домашните. Покрај законската регулатива, еден од најзначајните фактори за атрактивноста на земјата е стабилизацијата по подолга политичка криза, а добивањето на позитивен, безусловен Извештај за напредокот, зголемената динамика и активност во насока на добрососедските односи, се, исто така, во прилог на таа привлечност за инвестирање.

Госодин Билал Кара истакна дека целта на Деловниот совет Турција – Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција (DEİK), е да го информира приватниот сектор во Турција за можностите за инвестирање во Македонија и за новите економски политики кон странските инвестиции и токму затоа оваа средба е значајна затоа што економската соработка меѓу двете земји треба да го следи примерот на одличните политички односи.

Актуелно, Турција е на шестото место од топ 20-те земји со вкупниот прилив во Македонија. Трговската размена изнесува 462 милиони долари, меѓутоа г. Кара истакна дека предизвик им е достигнувањето на трговска размена до една милијарда американски долари годишно.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, истакна дека и Парламентот и Владата ќе направат сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка. Во прилог на оваа определба е географската близина, добрата инфраструктурна поврзаност со соседните земји, а новина е и најновата директна авионска линија меѓу Македонија и Турција.

Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со претставници на иселениците од Република Македонија во Истанбул. На средбата во организација на Здружението на иселениците од Гостивар беа поканети и претставници од Фондацијата на Румелијците во Истанбул, Федерацијата на иселеници од Румелија, Друштвото на иселеници од целиот Балкан, Друштвото на иселеници од Румелија – Рами, Друштвото на иселеници од Азискиот дел, Друштвото на гостиварци од Кадиќој, Друштвото на иселеници од Ќагитхане и претставници од локалната власт во истанбулската општина Ејуп.
Средбата се одвиваше во топла и срдечна атмосфера, а претседателот Џафери нагласи дека Република Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски, семејни и културни врски, и во тој поглед иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји, а фактот што тие се толку добро интегрирани и етаблирани во турското општество говори за отвореноста и космополитизмот на ова поднебје.

Со оваа средба се заокружи официјалната посета на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, во Република Турција.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган: САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за свои интереси

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

Русинка го оставила своето новороденче на аеродромот во Турција: „Не знаев дека сум бремена“

Силен земјотрес ја потресе Турција

Горан Наумовски