Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ денеска два часа (од 12 до 14 часот) го блокираа патниот правец Прилеп-Градско на излезот од градот пред Плетвар барајќи да им се исплати една плата, како што е договорено со Владата и што поскоро да се назначи нов директор на компанијата.
Според Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација, иако протестите беа најавени да почнат од понеделник, тие решиле од денеска да протестираат зашто биле информирани дека за нов директор ќе се чека најмалку еден месец.
– Најавивме од понеделник протести но новиот претставникот на државниот капитал на компанијата од кабинетот на вице-премиерот Анѓушев, Софија Јовановска не информираше дека постапката за именување нов директор ќе трае околу 30 дена и треба дотогаш да работиме и да чекаме. Работниците не сакаа да чекаат и излеговме на протест, зашто претходно еден месец и половина немаме земено плата, а ќе помине уште еден месец. Бараме во најкус рок да добиеме плата. Инаку, дел работници се во погоните и работат зашто некои процеси не може да се запрат, рече Богданоски најавувајќи дека секој ден времетраењето на протестите ќе се зголемуваат по еден час.
Од почетокот на годината, вработените велат дека добиле еднаш по 5.000 денари и платата од пред еден месец од 20 000 денари по постигнатиот договор со Владата. Според тој договор секој месец да добиваат по една плата, а по шест месеци да се реши ситуацијата со компанијата и да се најде стратегиски инвеститор.