Двајца мажи беа јавно обесени во Иран, откако на YouTube се појави снимка од нив двајца, како на улица во Техеран ограбуваат еден човек, а потоа го напаѓаат со мачета.
Погубувањето е извршено денес, откако официјалните лица, повикувајќи се на големиот гнев на јавноста, побараа забрзана истрага и судење. Видео снимката се појави на почетокот на декември, а подоцна беше прикажана и на државната телевизија.
Двајцата мажи, кои имаат по 24 години, беа осудени на смрт за “војна против Бога”, што е обвинение кое опфаќа широк спектар на криминални активности, од организирање против државата до тешко насилство.
Полуофицијалната иранска новинската агенција ИСНА објави дека речиси 300 луѓе присуствуваа на бесењето. Како што наведува ИСНА, двајцата соучесници исто така беа осудени на по 10 години затвор, а секој заработи и по 74 удари со бич.