Советот за радиодифузија и даде рок од седум дена на А2 телевизија да го усогласи форматот на програмата согласно добиената лиценца за работа. Ова значи дека А2 во овој рок на својата програма треба да емитува информативно-образовни содржини не помалку од пет проценти како и музичка содржина над 60 проценти од вкупната програма.
Советот за радиодифузија бара и да се емитуваат пет различни формати на програмски содржини.
Од страна на членот на советот Столе Наумов, беше побарано рокот да се продолжи на 15 дена бидејќи се работи за посложени операции. Но, тој беше одбиен од страна на претседателот Зоран Трајчевски со образложение дека и досега на телевизијата и било дадено доволно време за да го усголаси форматот на програмата.
Претходно во Советот за радиодифузија беше повикан и управителот на А2 телевизија Тони Николовски од кого членовите побарале одговор дали А2 ќе може да го исполни форматот за кој е издадена дозволата но и дали телевизијата ќе ја плати лиценцата на 11 јуни оваа година.
Од вечерва на фреквенцијата на А2 стартуваат вести и дебатни емисии, а во проектот се вклучени дел од поранешните новинари на А1 но и новинари од други медиумски куќи.