Претседателот на САД Барак Обама денеска положи заклетва за втор мандат на претседателската функција на мала свеченост во Белата куќа, пред претседателот на Врховниот суд, судијата Џон Робертс, придружуван од семејството.
Обама се заколна врз Библија која била во сопственост на семејството на неговата сопруга, Мишел, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Претходно, утринава заклетвата ја даде и потпретседателот Џо Бајден. Тој се заколна во неговата резиденција во Џорџтаун, пред судијката Соња Сотомајор, една од судиите на Врховниот суд именувани од страна на Обама.
Обама и Бајден денеска ги посетија и гробиштата Арлингтон, каде положија венец на гробот на незнајниот јунак, а семејството Обама беше и на богослужба во Африканската медотистичка епископална црква во Вашингтон.
Заклетвата се дава на 20-ти јануари, согласно Уставот на САД, но традицијата налага дека кога 20-ти јануари е во недела, големата свечена инаугурација да се одложи следниот ден.
Поради тоа, Обама утре уште еднаш ќе ја даде заклетвата, во големиот собир на западната страна на Капитолот, во центарот на Вашингтон. Се очекува околу 600.000 граѓани да се соберат на потегот меѓу Капитолот и Белата куќа, што е далеку под 1,8 милионскиот собир за време на првата инаугурација на Обама во 2009 година.
Во чест на инаугурацијата ќе се организира и традиционалната парада по авенијата Пенсилванија, а утрешниот ден ќе заврши со неколку инаугурални балови и голем број помали свечености во чест на претседателот.