„Mинистерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, упати добронамерно укажување до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во однос на важноста жалбите да се разгледуваат во брза постапка, и во никој случај не станува збор за форма на притисок туку напротив, за поддршка на работата на СЕММ.
Кабинетот на министерот Поповски, претставката до СЕММ ја има испратено на 12.02.2018 година преку апликацијата на веб страницата на Советот. Дополнително телефонски е остварена комуникација со СЕММ, во која им е најавена доставената претставка, во истата комуникација од советот е укажано дека имаат одредени технички проблеми со апликацијата и не се во можност да ги видат претставките. Поради тие технички проблеми, дополнително на e-mail до СЕММ е испратен директен линк до упатената претставката.
Според правилата за одговор на претставки и жалби поставени од СЕММ, одговорот треба да се достави во рок од 7 работни дена, но во случајот со министерот Поповски, Комисијата за жалби одржала седницана на 09.03.2018 година, а нејзината одлука е објавена на 12.03.2018 година.
Сметаме дека еден (1) месец за реакција е навистина премногу долг период во ситуација кога се загрозени угледот и честа на било кој граѓанин на Република Македонија. Штетните, неточни и навредливи информации доколку навремено и соодветно не бидат одговорени, можат да предизвикаат непоправливи последици во однос на угледот и честа, на имиџот, на професионалните обврски, но и врз приватноста на неосновано нападнатата личност, во конкретниот случај министерот Роберт Поповски.
Во своето обраќање на јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија на тема Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, министерот Поповски добронамерно укажа дека механизмите за саморегулација треба да бидат охрабрени навремено да реагираат со цел да се зајакне нивното значење и углед во јаноста.
Според изјавата на министерот Поповски, доколку експертската јавност има потреба од телата за саморегулација потребно е „прво да се зголеми нивната ефикасност и второ треба сите да помогнеме видливост да имаат, заеднички, а не медиумите да не ги објавуваат нивните реакции затоа што не им се допаѓаат“.
Во ниту еден случај министерот Поповски нема намера да врши притисок врз независното работење на СЕММ, туку исклучиво укажа дека е потребно зајакнување на професионалните стандарди во однос на навремени реакции, каква што е на пример денешната реакција на неговото обраќање во само еден работен ден, што ќе придонесе кон градење на поголема довербата меѓу граѓаните во однос на медиумите како и саморегулаторните тела во Република Македонија“ се вели во реакцијата на Поповски.