Општина Аеродром роденденот ќе го прослави во сабота во паркот со авоин со целодневна забава за граѓаните од сите возрасти.
Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, на денешната прес-конференција посочи дека роденденската забава има хуманитарен карактер и оти во соработка со Црвениот крст се собираат средства за социјално загрозени семејства на територија на Општина Аеродром.
– Сите кои сакаат да им помогнат на социјално загрозени семејства од општина Аеродром, можат на донираат на жиро-сметката на Црвен Крст на Република Македонија – 300000000206646 Комерцијална банка или да ги доделат на лице место на настанот во специјалните кутии за донации, рече Марин.
Општината на настанот ќе промовира и социјално претприемништво.
– За таа цел, здруженија од општина Аеродром што работат со ранливи категории Лице в лице, Солем, Во мојот свет и Порака ќе ги претставуваат своите производи на повеќе локации во паркот, посочи градоначалникот на Аеродром.
Програмата ќе почне од 12:00 часот со настап на децата од детските градинки и основните училишта со ритмички точки, балет, хип-хоп настапи, драматургија, соло пеење со флејта и народни ора, на кои ќе им се придружат магионичар и улични забавувачи.
Во рамки на организацијата ќе има три натпревари во кои учествуваат сите основни училишта. Ќе се доделуваат награди за најдобар кошаркар, најдобар ликовен уметник и поет.
Во вечерниот дел, кој ќе трае до полноќ, забавата ќе ја збогатат професионални бендови и изведувачи од Аеродром со концерти на квартетот на Македонската опера и балет, Марко Кума и Црни, Бени со Нон Стоп и Златко Ориѓански и ќе заврши со журка со музика по избор на Драган Б. Костиќ.
Водител на програмата на роденденската забава на Општина Аеродром упати ќе биде Нора Шаќири.