Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров изјави дека постигнат е значителен напредок во преговорите и дека остануваат уште многу малку прашања, но тие се најтешките за решавање.
Коѕијас напомена дека во наредниот период уште неколку пати ќе се сретне со Димитров, конкретно на 3 и 4 мај во Солун, а потоа на 11 и 12 мај на самитот на ЕУ, каде покрај разговорите за иднината на Европската унија, ќе имаат нова рунда преговори за името.
– Денеска направивме позитивен чекор, имавме отворен разговор. Ние и понатаму ќе правиме обиди да ги решиме проблемите кои се поврзани со минатото и се создадени од некој друг, рече Коѕијас.
Коѕијас упати благодарност до дипломатите од двете земји кои исто така имаа средба, при што истакна дека постигнале напредок во меѓусебниот однос.
Поради временско ограничување, по изјавите на министрите не беа дозволени прашања.
Виктор Јованов