Од септември 2009 до крајот на 2012 година Албанија уништила околу 80 илјади тони муниција, а од јуни годинава таа повеќе нема да располага со никакава стара муниција, јави дописникот на МИА од Тирана.
Ова го потврди заменик министерот за одбрана Екрем Спахиу, оценувајќи го заокружувањето на акцијата за уништување на старата муниција како главен приоритет за годинава.
– Во првите пест месеци од годинава целосно ќе завршиме со уништувањето на муницијата од сите калибри, освен одредена количина на куршуми 7,62 мм кои се категоризирани за продажба. Од септември 2009 до крајот на минатата година уништени се 80 илјади тони муниција. Лани од овој процес продадено е старо железо во количина од 21 илјади тони, и во касата на министертвото се слеаа милијарда и 714 милиони лека или околу 17 милиони долари, изјави Спахиу.
Демонтирањето се врши во специјализирани фабрики во Мјеке, Грамш и во Поличан, како и на полигоните определени за таа цел од страна на Владата.
Албанија наследи околу 190 илјади тони муниција од комунистичкиот режим, кој е соборен во 1990 година.
По големата експлозија што се случи во март 2008 години во фабриката за демонтирање во Грдец, кога загинаа 26, а повредени беа над 300 лица, премиерот Сали Бериша потврди дека земјата се уште има уште околу 110.000 тони стара муниција, што не е согласно стандардите на НАТО.
Албанија во 2009 година стана членка на НАТО.