Американскиот претседател Барак Обама изјави дека за смртта на луѓето при акцијата на специјалците во заложничката криза во Алжир, виновни се само терористите кои ги киднапираа странците вработени на едно наоѓалиште за гас на југот на земјата.
Обама рече дека САД најостро го осудува киднапирањето извршено од терористите и додаде дека граѓаните на САД се молат за семејствата на настраданите и ранетите во Алжир.
Владите на некои западни земји претходно оценија дека Алжир не ја извел добро акцијата за спасување и поради тоа дошло до жртви.
Обама во своето прво обраќање од почетокот на кризата истакна дека нападот на терористите во Алжир претставува потсетување дека и натаму постои опасност од Ал Каеда и други насилни екстремистички групи во северна Африка.
„Во следните денови ќе останеме во близок контакт со владата на Алжир за до крај да сфатиме што точно се случило и потоа заедно да работиме за во иднина да се спречат трагедии како што е оваа“, рече американскиот претседател.
За време на четиридневната драма убиени се 23 заложници и 32 екстремисти, додека истовремено спасени се 107 странци и 685 Алжирци. Меѓу убиените има државјани на Велика Британија, Франција, САД, Романија и Јапонија.