Десет проекти на Неготинскиот музеј со поддршка од Министерството за култура

Од:

Десет проекти од национален интерес на Неготинскиот музеј добија поддршка на конкурсот објавен од Министерството за култура и ќе се реализираат во текот на оваа година.

Вршителот на должноста директор, Драгица Чекорова појаснува за МИА дека во јубилејната четириесетта година од постоењето на културната институција, еден од проектите предвидува археолошка изложба за некрополите од „Мали дол”, кај неготинското село Тремник. Раководител на активностите е докторот по археолошки науки Александра Папазова, вработена во Археолошки музеј на Република Македонија, која долги години раководи со археолошките ископувања таму. Се работи за праисториски археолошки локалитет од 11 век пред нашата ера.

Чекорова информира дека ќе извршат и рекогносцирање на археолошките локалитети во општината, нивно утврдување и опис.

– Ќе биде направена и конзервација на метален накит од праисториската збирка на музејот. Заштитата ќе биде од страна на конзерватори од Завод музејот од Охрид со кој имаме соработка, додава директорката.

Конзервација ќе биде реализирана и на средновековниот накит од локалитетот „Тренче-стреа” кај неготинско Пепелиште.

Еден од проектите предвидува уредување на лапидариумот за изложба на музејската збирка камена пластика, во дворот на музејот. Ќе има и изложба на етнолошки предмети, како и едукативна работилница Музејот низ призма на етнологијата „Моја инспирација“, во соработка со образовните институции од општината.

Санирана ќе биде влагата во депото на музејот, а ќе се пристапи и кон осовременување на музејско изложбениот простор, осветлување и озвучување. Сите овие активности ќе бидат финансирани со 780 илјади денари.

Чекорова која е етнолог виш кустос, соопштува дека ќе имаат и бројни активности кои ќе ги спроведат со свои средства, според нивната годишна програма за работа.

– Во март месец имавме реновирање во изложбениот салон со нов колорит на ѕидните површини, замена на осветлувањето со нови лед светилки. Се со цел подобар ефект на изложените дела, вели Чекорова.

Следуваат дваесетина изложби, а се најавува и соработка и со други музеи.

Би можело да ве интересира

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ

Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Застрашувачки трилер на Нетфликс: Сè застана на еден час

Предраг Петровиќ

Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија