Царинската управа на Република Македонија денеска ќе го одбележи Денот на царината – 16 април, со кој означува 26 години самостојан и независна царинска управа во РМ.
Свечена церемонија ќе се одржи во Музејот на современа уметност на која ќе бидат презентирани постигнатите резултати на Царинската управа во 2017 година, како и целите кон кои царината ќе биде насочена во идниот период.
На свеченоста внимание ќе се посвети и на развојот на дигитализацијата на царинската служба, односно „Царината некогаш и денес“.
Дел од царинскиот празник ќе биде и темата „Херои на секојдневието“, по која неколку царински службеници ќе презентираат со какви ситуации и случки се соочуваат во секојдневното работење.
На свечената церемонија на соработниците на Царинската управа ќе им бидат врачени плакети и признанија за успешна соработка.
На свеченоста е најавено присуство на претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата, колегиумот на Царинската управа и други.