Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи со видео порака денеска на православните христијани им го честита празникот Велигден. Честитајќи им го Велигден на, како што наведува вицепремиерот, православните Македонци и Албанци и сите други што го слават, во духот на заедништвото ги посакува вредностите на солидарност, на добрина и на надеж, кои овој ден ги симболизира.
Видеопораката е снимена пред Бигорскиот манастир за, кој Османи вели дека е еден од најубавите православни манастири во светот, но и манастир кој во својата суштина претставува и точка на обединување на различностите во Република Македонија. Реканскиот крај, по течението на реката Радика, за него е еден од најубавите предели во Македонија.
– А денес е ден Велигден, најголемиот и најважниот празник на нашите православни сограѓани. Празник кој претставува симбол на солидарноста, добрината и пред се надежта. Тоа е причината зошто се наоѓам денес овде, во Бигорскиот манастир, може да се рече – еден од најубавите православни манастири во Светот, но и манастир кој во својата суштина претставува и точка на обединување на различностите во Република Македонија. Сите преданијата и легенди зборуваат дека луѓето од добра волја, од сите етнички заедници, Македонци и Албанци, заедно сплотени им пркоселе на предизвиците кои ги носеле времињата, во одбрана и заштита на овој манастир, вели Османи.
Видеопораката Османи ја сними на македонски со титл на албански јазик и на англиски јазик.