Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, викендов во организација на КК Партизан Водно Санс и семејството Сотирови, ќе се одржи меморијален, млaдински кошаркарски турнир „Фицбол 2018“.
Турнирот се одржува по прв пат и е во чест и сеќавање на прерано починатиот, млад кошаркар Филип Сотиров – Фиц (1999-2014).
Под мотото „BE THE BEST YOU CAN BE“, на турнирот ќе се натпреваруваат и другаруваат младинските кошаркарски екипи на Барселона, Фенербахче, Бугарска Национална репрезентација, Партизан Белград, Кајолу и КК Партизан Водно Санс.
На турнирот FICBALL, 80 млади кошаркари од Европа, ќе имаат можност да одиграат вкупно 13 натпревари, да создадат нови пријателства, да се инспирираат меѓусебно и заедно да го зајакнат тимскиот дух на секоја екипа.
Публиката ќе има можност да проследи и атрактивни натпревари во забивање, шут за три поени, ќе се бира највреден играч, најдобри стрелци на секој натпревар како и најдобар стрелец на целиот турнир. Тренерите на тимовите, по завршувањето на сите натпреварите, ќе ја одберат најдобрата петорка на турнирот.
Турнирот ќе има и хуманитарен карактер, кој ќе се манифестира преку донирање на средства и реквизити во домот за деца без родители „11ти Октомври“, од страна на сите екипи учесници во турнирот.
Влезот за натпреварите на турнирот е отворен за сите посетители и истиот е целосно бесплатен.