Новинарите и фотографи Томасо Пини и Леонардо Лукарели од реномираното италијанско списание „Motociclismo” ќе направат мото-инфо-тура низ Македонија и ќе напишат репортажа на 14 страници која ќе биде објавена во изданието јуни/јули.
Пини и Лукарели ќе престојуваат во земјава од 7 до 10 април, а домаќин им е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Предвидено е со турата да ги посетат Скопје, Битола, Мариово, Прилеп, Трескавец, Маркови Кули, Охрид и Галичица.
– Македонија, практично, ќе има доминантно место во магазинот. Гостите ја сметаат за земја со идеален амбиент за мото-туризмот, со голема историја и туристичка идентитет, а нивната турнеја има за цел да ја покаже преку главната особина: култура, историја, природа и модерност. Со оваа конкурентна мото-тура очекуваме Македонија успешно да се пласира во Италија, имајќи предвид дека италијанските туристички агенции се подготвени да ја вклучат во своите каталози, вели за МИА директорот на АППТ Љупчо Јаневски.
Дел од турата е поврзана и со Првата светска војна.
– Со оглед дека 2018-та е стогодишнината од крајот на оваа војна, оттука и приказната за Македонскиот фронт каде италијанските војници се бореа 36 месеци која е многу актуелна и интересна за италијанските читатели. За време на патувањето ќе биде направена фото репортажа користејќи и дронови за таа намена, објаснува директорот.
Инфо-турата на Пини и Лукарели е организирана во соработка со ТА Го Балканс чиј претставник е Влатко Сулев, а учествува и соработникот на АППТ за италијанскиот туристички пазар Фабио Котифава.
„Motociclismo” е водечко списание за мотоциклизам во Италија, едно од најстарите во светот, чиј прв број излезе во 1914 година. Денес има месечен тираж од 173.000 примероци, веб страницата надминува еден милион посетители месечно, Фејсбук страницата брои 270.000 следбеници, а на неговиот You tube канал гостуваат познати личности меѓу кој и шампионот во мотоциклизам Валентино Роси.
АППТ беше домаќин на информативно патување за претставници на „Motociclismo“ и во 2014 година, со што магазинот одбележа 100 години постоење. Македонија како земја домаќин доби максимална видливост и шанса да достигне илјади посетители преку насловната страница на списанието и репортажа. Директорот на магазинот Федерико Аливерти ја предводеше групата од 12 моторџии кои сметаат дека Македонија е погодна и атрактивна дестинација за мото-туризмот. Се сними и високo квалитетнo видео за промотивни цели кое се прикажува на нивниот веб-канал и во текот на Меѓународниот саем за мотоциклизам (EICMA) во Милано, со повеќе од 600.000 посетители годишно.
Една реклама во „Motociclismo“ е 1.000 евра, а АППТ за турата на Пини и Лукарели ќе плати само две ноќевања кои чинат 100 евра.