Проектите како оној за заштита и управувањето со Дримскиот басен и за прогласување на охридско-преспанскиот регион за биосферен резерват се добра основа за креирање акциски прекугранични планови и реализирање заеднички одржливи проекти, од интерес како на Република Македонија, така и на Република Албанија.
Тоа беше истакнато на денешната средба на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски со министрите за земјоделство на Македонија и на Албанија Љупчо Николовски и Нико Пелоши.
Стојаноски ја искорстил можноста од владите на двете држави да побара поддршка на проектите насочени кон интегрирана заштита на Охридското Езеро, како светско природно богатство заштитено од УНЕСКО, што би се реализирале со финансиска поддршка од меѓународните фондови за одржлив регионален развој.
Меѓу другото на средбата било разговарано и можностите за унапредување на билатералната соработка на институции на двете држави, како во насока на поголема заштита на Охридското Езеро, одржливо управување со природните ресурси на регионот и во креирање заедничка туристичка понуда.
Претходно на билатералната средба министрите Николовски и Пелоши ја нагласија потребата од поголема заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро, пред се зачувување на ендемските видови риба како охридската пастрмка и белвицата.