„Шпанија во срцето“ со врвните Ѓорѓи Димчевски и Рикардо Касеро

Од:

Македонската филхармонија, на 5-ти април во 20 часот, со задоволство го најавува егзотичниот концерт „Шпанија во срцето“!

Ќе прозвучат атрактивните дела: Симфониската рапсодија „Шпанија“ од Емануел Шабрие, Интродукција и рондо капричиозо од Камиј Сен-Санс, Цигански напеви оп. 20 од Пабло Сарасате и грандиозната Симфонија бр. 1 во D-dur („Титан“) од Густав Малер.

На подиумот како солист ќе застане нашиот и светски виртуоз на виолината – Ѓорѓи Димчевски! Овој уметник моментно е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, а од 2007 година, е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел.

Како диригент ќе се претстави врвниот маестро Рикардо Касеро од Шпанија, кој диригира со славни оркестри и соработува со светски солистички ѕвезди.

Уште еден куриозитет, е што на концертот „Шпанија во срцето“ како концерт-мајстор ќе се претстави почитуваниот Благоја Димчевски, професор на Конзерваториумот во Тулуз, кај кого учеле голем број наши и светски виолинисти.

Рикардо Касеро

„Рикардо Касеро е музичар кој аналитички му приоѓа на делото и на подиумот носи длабоко знаење, но, исто така, и интуиција која произлегува од неговата интензивна и плодна кариера“, ќе напише критиката за шпанскиот маестро Рикардо Касеро, кој е музички директор на Оркестарот Реино де Арагон во Шпанија, каде што соработува со солисти како шт се Максим Венгеров, Сара Ченг и Наталија Гутман. Од 2007 година, тој е шеф-диригент и музички директор на Мастер симфонискиот оркестар, а постојано соработува со Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија и активно диригира со речиси сите оркестри во Шпанија, како и со оркестри во Израел и во Франција, остварувајќи блиски соработки со врвни композиторски имиња, меѓу нив и со Марк Ишам, Тревор Морис, Кристофер Јанг, Акира Јамаока… Неговите следни ангажмани ги вклучуваат и соработките со Националната филхармонија на Украина, Шведскиот дувачки ансамбл, Националниот оркестар на Шпанија, Билбао симфониски оркестар… За време на неговата речиси тридецениска кариера како тромбонист, оркестарски музичар и солист (подоцна го реализира сонот да стане диригент), тој соработувал со значајни диригентски имиња како што се Леонард Бернштајн, Даниел Хардинг, Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Лорин Мазел, Рикардо Чаили, Валери Гергиев… Инаку, тој влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2012 година за изведување и снимање на 235 дела за оркестар, за саундтракот за видеоиграта „Lords of Shadow“. Маестро Касеро дипломира со сите почести од страна на институциите во Шпанија, но и во САД (на Универзитетот во Индијана), Велика Британија (на Гилдхол школата за музика) и Шведска (на Умеа). Исто така, добитник е на стипендијата Грант Фулбрајт за студии на Универзитетот во Индијана, каде што дипломирал на отсекот за тромбон. Во едно интервју вели дека тромбонот го засакал уште кога бил мал. Неговата мајка имала продавница за играчки во неговиот роден град Валенсија, нешто што за него претставувало рај и, како што ќе каже, се чувствувал како во филмовите на Волт Дизни. За Божик, му донеле играчка тромбон. „Бев повеќе од изненаден. Тоа за мене беше најубавата играчка, која ме пленеше. Морав да почекам неколку години за да добијам вистински тромбон“, ќе каже маестро Касеро, кој подоцна го реализирал и неговиот втор сон – диригирањето.

Ѓорѓи Димчевски

Концерт-мајсторот на Националниот оркестар на Шпанија, Ѓорѓи Димчевски, е еден од највпечатливите претставници на новата генерација македонски музичари со завидна светска кариера. Од 2007 година, тој е концерт-мајстор и на Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен музичар, оркестарски музичар и професор по виолина. Роден е во музичко семејство и уште од рана возраст покажувал силни афинитети за музика, па така првите часови по виолина ги имал кај својот дедо. Добитник е на први награди на Националниот натпревар по виолина, на Интернационалниот натпревар по виолина во Белград, на виолинискиот натпревар во Перпињан, Франција. Дипломирал на Конзерваториумот во Тулуз со високи почести во класата на проф. Благоја Димчевски и на Универзитетот за музика во Келн, во класата на проф. Виктор Третјаков. На само 13 години, Димчевски настапил како солист со Македонската филхармонија изведувајќи го Концертот за виолина бр. 1 од Виењавски. Како солист настапувал и со Оркестарот на Валенсија, со Класичната филхармонија на Бон, потоа во Келн и во Хамбург, со диригенти како што се Омер Меир Велбер или Пол Ман. Како концерт-мајстор, пак, Димчевски редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Мазел, Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго, Рикардо Шаји, како и со Симфонискиот оркестар на Астуријас со Росен Миланов, со Класичниот оркестар на Санта Сесилија со Илија Корол, со Симфонискиот оркестар на Кастилја со диригентите Василиј Петренко и Семјон Бичков, со Шпанскиот национален оркестар и маестро Давид Афкам. По предлог на маестро Мехта, Димчевски бил поканет да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за Европската фестивалска турнеја, како и за турнејата во Јужна Америка. Оркестарот го предводел токму Мехта. Неговата посветеност и за камерната музика го води на најпрестижните фестивали во Европа, а меѓу другите настапувал заедно и со пијанистот Симон Трпчески и со виолончелистката Каори Јамагами. Во 2015 година е назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија. Ѓорѓи Димчевски е специјален гостин на последното цеде на славниот оперски пејач Пласидо Доминго, насловено Encanto del Mar. Свири на виолина „анџело де руб“ од Рим, од 1750 година.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска