Вработените во дирекцијата на ЈП „Македонски шуми” ќе учествуваат во пролетното пошумување садници на локацијата „Пчиња”, место Драганово, оддел 30, во село Миладиновци.
Пошумувањето е дел од годишните планови на подружниците, а ќе се изврши на површина од еден хектар со околу 2.000 садници даб и јасен, под контрола на шумарски инженери и техничари.
Теренот за пошумување е соодветно подготвен, во кордони од вработените во подрачното шумско стопанство „Караџица“.
По засадувањето на садниците, ќе бидат преземени соодветни одгледни мерки од страна на стручни лица.
ЈП „Македонски шуми” пред почнување на акцијата „Ден на дрвото“ вршеше редовни пошумувања и пошумувања согласно Програмата за проширена репродукција.
Од 2002 до 2007 година, по основ на редовните обврски се пошумени 8.391,92 хектара, додека според Програмата за проширена репродукција 5.414 хектари или вкупно се пошумени 13.805,92 хектари со 34.514.800 садници.
– Овие податоци покажуваат дека ЈП „Македонски шуми“ и пред почнување на акцијата вршеше пошумувања и тоа на поголеми површини од површините пошумувани со „Ден на дрвото“, велат од претпријатието.
Пошумувањата од 2002 до 2007 година „Македонски шуми” ги вршеше согласно Посебните планови и Програмата за проширена репродукција каде точно се знаат локациите на кои ќе се врши пошумувањето и со кој вид садници, со што процентот на прифат на засадените садници е многу поголем.
– Ако е потребно пошумување и озеленување на локации на нешумско земијште, еродирани терени, голини или друг тип површини надвор од нашите редовни планови и законски обврски, тоа треба да се изврши врз основа на изготвена и одобрена проект програма. Во изработката на програмата мора да бидат вклучени експерти и стручни лица од областа за да се овозможи подготвување на површините и пошумување со соодветен саден материјал. Исто така, многу е важно пошумувањето да го вршат стручни лица, наведува ЈП „Македонски шуми“.