Македонската филхармонија доби ново концертно пијано од престижната марка „Стенвеј“, вредно околу 160 илијади евра. Се работи за донација од една од европските компании во градежништвото „Штрабаг“.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на денешната прес-конференција потсети на непријатностите и долгот што го оставила претходната власт. Како изведбата на објектот на Македонската филхармонија, кој бил оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење…
– Ние успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата „Штрабаг“ договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните, рече Алаѓозовски.
Според него, Македонската филхармонија добива инструмент достоен на нивото и очекувањата. Пијаното, како што рече, ќе биде во функција на вработените на филахрмонијата, за организирање ексклузивни концерти и гостувања на врвни светски музичари.
Директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески изрази задоволство што добиваат концертен клавир и додаде оти стариот „Стенвеј“ бил донација од Поштата во 1992 година.
Тој информира дека компанијата „Штрабаг“ годинава ќе обезбеди и гостување на австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018 година. На концертот ќе настапат и светски солисти и ќе биде изведена Деветтата симфонија од Бетовен.
– Концертното пијано официјалната промоција ќе ја има на 10 мај, со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин, рече Илиески.
Горанчо Аговски од „Штрабаг“ нагласи дека со оваа донација сакаат скромно да придонесат за идната работа на Македонската филхармонија и за развојот на културата.
Концертното пијано го промовира младиот македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе „Токатата“ од македонскиот композитор Властимир Николовски.