ЕУ бара одговори од Фејсбук околу заштитата на личните податоци

Од:

Еврокомесарката за правда Вера Јоурова му даде на Фејсбук рок од две недели да одговори на нејзиното писмо испратено вчера до главниот операциски директор на компанијата Шерил Сандберг.

Јоурова во писмото бара да дознае дали личните податоци на граѓаните на ЕУ се загрозени од скандалот со „Кембриџ Аналитика“ и доколку тоа е случај, таа прашува како компанијата „планира да ги информира властите и корисниците за тоа?“.

Скандалот со злоупотребата на личните податоци на корисниците на Фејсбук преку „Кембриџ Аналитика“ во претседателската изборна кампања во САД, стигна и до средбата на шефовите на држави или влади минатата недела во Брисел. Во заклучоците тие потенцираа дека „социјалните мрежи и дигиталните платформи мора да гарантираат транспарентни практики и целосна заштита на приватноста на граѓаните и личните податоци“.

Во ЕУ заштитата на личните податоци преставува фундаментално право, запишано во Европската конвенција за човекови права, потпишана од сите членки на ЕУ.

Досега европското законодавство за заштита на лични податоци во ЕУ почиваше врз директива од 1995 година, но од 25 мај оваа година на сила стапува нова регулатива, позната како ГДПР (General Data Protection Regulation).

Оваа регулатива носи построги правила и посилна заштита за личните податоци на граѓаните на ЕУ на интернет, согласни се властите на земјите членки, но и повеќето експерти.

Најзабележливите законски измени се наоѓаат во деловите за согласноста, како и можноста за санкционирање на злоупотребите.

Конкретно, околу согласноста, „поп-ап“ прозорците кои се појавуваат барајќи да дадете согласност за условите на употреба се обично многу долги и комплексни. Како што потсетува „Политико“, тие се сметаат за „една од најголемите лаги на интернетот“. Со новата регулатива интернет провајдерите ќе имаат обврска тие комплексни легални текстови да ги поедностават до степен тие да бидат јасни и разбирливи за корисникот.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, новата регулатива ги обврзува оние кои ги процесуираат личните податоци да ги информираат корисниците и надлежните власти во рок од 72 часа за прекршување на податоците или поеднставно кажано во случај на хакирање.

ГДПР предвидува и дека организациите кои собираат лични податоци на интернет ќе мора тоа да го сведат на минимум, односно да ги собираат само личните податоци релевантни за понудениот производ.

За крај, важна промена е и фактот што регулативата ќе овозможи и санкционирање на злоупотребите, како што потсети вчера портпаролот на еврокомесарката за правда.

– Од 25 мај властите за заштита на податоци ќе имаат многу посилни можности за санкционирање, до четири отсто од глобалниот годишен обрт на компанија во случаи на сериозни прекршувања, во зависност од ситуацијата, нагласи портпаролот.

Овие казни може да се изречат доколку не била добиена доволна согласност од корисникот, доколку не биле информирани надлежните контролни власти и корисникот дека имало прекршување или доколку се собирале премногу непотребни лични податоци.

Новата регулатива стапува на сила на 25 мај 2018, но нема да биде ретроактивна, што значи дека Фејсбук нема да може да биде санкциониран за скандалот со „Кембриџ Аналитика“, дури и да е утврдена вина.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он