Непознат напаѓач истурил киселина на лицето на уметничкиот директор на познатиот театар “Бољшој” Сергеј Филин и неговиот вид е загрозен соопштија од полицијата.
Полицијата ја истражува верзијата според која нападот на уметничкиот директор на Бољшој театар Сергеј Филин (42) е поврзан со неговата работа, но не исклучуваат и други можности, како што е семејното насилство, соопшти денеска прес-службата на руското Министерство за надворешни работи.
Роднините на Филин ја информирале полицијата за нападот во четвртокот вечерта. Според извештаите, непознато маскирано лице, пришло до Филин на паркингот на улицата пред неговата куќа во центарот на Москва, му фрлило киселина на лицето и избегало.
Уметничкиот директор на познатиот руски театар бил пренесен во болница со изгореници, а портпаролката на Бољшој театарот Катарина Новикова, која го посети, вели дека има изгореници од трет степен на лицето и на очите, пренесува Итар-Тас. Според неа, Филин добил повеќе закани во последно време.
Лекарите велат дека ќе бидат потребни најмалку шест месеци за да се опорави.
“Раша тудеј” вели дека Филин би можел да го изгуби видот поради изгорениците, но дека лекарите во московската болница, прават сé за да го спречат тоа.
“Најопасно е тоа што има трет степен изгореници на рожницата што го доведува во опасност неговиот вид”, објаснија лекарите. Тие исто така, укажаа дека може да биде потребна пластична операција и дека киселината на пациентот му ја оштетила косата која наскоро ќе почне да опаѓа.
“Никогаш не ни помисливме дека војната за улоги, а не за имот или нафта би можела да достигне ниво на злосторство”, рече Новикова.
Генералниот директор на Бољшој театар Анатолиј Иксанов, рече дека верува дека нападот е поврзан со работата на Филин.
“Тој е принципиелен човек и никогаш не прави компромиси. Доколку верува дека некој играч не е подготвен или способен за улогата, тој ќе го одбие.”
Мајката на Филин изјави дека заканите започнале на 31 Декември. Непосредно пред нападот, неговата Фејсбук страница и e-mail биле пробиени, а според некои извештаи во петокот му биле избушени гумите на автомобилот. За сето тоа време, некој постојано го барал на телефон и молчел кога ќе ја кренел счушалката.
Филин, поранешена балетска ѕвезда на Бољшој беше назначен за уметнички директор на театарот во март 2011 година, на што му претходеше остра битка за позицијата.
Тој е роден во 1970 година. во Москва, а во Бољшој театар почнал да игра 1988. година. Има добиено неколку национални и меѓународни награди, а играл сцените ширум светот вклучувајќи го и Ковент Гарден во Лондон. Балетската кариера ја заврши во 2011 година.
Вооружениот напаѓач е обвинет за намерно нанесување на сериозни повреди, што е кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 2 до 8 години.