Филмот „Исцелител“ минатата недела освои две значајни награди на два престижни меѓународни филмски фестивали. На филмскиот фестивал во Обањ, Франција тој беше избран за најдобар филм во главната натпреварувачка конкуренција, а на филмскиот фестивал „Франкофилм“ во Рим, Италија доби специјална награда од жири.
„Исцелител“ од премиерата во ноември па досега, учествуваше на 16 филмски фестивали и освои седум меѓународни награди како и две награди во Македонија, Златна бубамара и Признание за филм на годината од Факултети.мк. Филмот беше прикажан во Индија, Америка и неколку земји од европскиот континент. Освен освоените награди, филмот со својот квалитет го привлече виниманието на публиката и на светската филмска критика.
Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.