Намалени средствата за времени вработувања во градинките во Гостивар, доведено во прашање згрижувањето на децата

Од:

Скратувањата на парите за времени вработувања во буџетот на општина Гостивар ќе го отежне работењето на градинките, а во скоро време и да го доведе во прашање згрижувањето на над шестотини деца. Ваквите оценки доаѓаат непосредно откако членовите на општинскиот совет со мнозинство гласови ги прифати предлозите за намалување на ставките за времени вработувања.

Наташа Саздовска, директорка на установата во чиј состав работат три градинки и два центри за ран детски развој е револтирана од исходот на последната седница. Таа, претходно ја побара поддршката од советниците и да го гласаат предлог буџетот на градоначалникот. Таа тогаш предупреди дека во спротивно, состојбата со згрижување на децата во гостиварската општина може да се влоши.

– Немам зборови, ниту разбирање за ваквиот однос на советниците. Наместо да ја поддржат работата на градинките и да се борат за унапредување на условите, тие закопани во партиските ровови, со последната одлука го загрозија натамошното функционирање. Ние се надевавме на поддршка за проширување на капацитетите и нови вработувања, а добивме кратења. Тоа во крајна линија како последица ќе доведе до отпуштања на персонал, вели директорката на јавната општинска установа за деца „Детска Радост“.

Саздовска појаснува дека во гостиварските градинки има значителен недостиг на персонал и тоа со години наназад. Работите се влошуваат откако петнаесетина вработени изминатиот период заминаа во пензија. Во меѓувреме побарана е согласност од Министерството за пополнување на испразнетите работни места и одобрени се шест нови вработувања.

Проблемите со малиот број персонал и прекубројност на деца во групи во гостиварските градинки, дополнително се зголемија откако во 2015 година беше отворен уште еден објект, градинката „Пчелка“. Иако предаден во употреба, не беше дадена ниту една согласност за ново вработување. Тогаш беше решено дел од постоечкиот персонал да се прераспредели, а новите вработени да ги плаќа општината. За таа намена беа издвојувани по 2,5 милиони денари од општинската каса.

– Од планираните 12 милиони денари во програмата за времени вработувања, по инсистирање на ДУИ и СДСМ направени се измени со скратување на само една четвртина. За жал, ова ќе придизвика повеќе отпуштања на негувателки и воспитувачки во градинките, пожарникари и дел од моите соработници. Очекував дека некои од советниците ќе имаат доблест и да бидат на страната на граѓаните, но сепак се покажа дека попуштиле под притисоците, предупреди Арбен Таравари градоначалникот на општина Гостивар, непосредно по изгласувањето на буџетот.

Во моментов, во трите градинки во градот и центрите во населбата Циглана и селото Дебреше се згрижуваат 637 деца. За нив се грижат 66 редовно вработени и 21 лице ангажирани со договори, како негуватели, воспитувачи, готвачи, хигиеничари. Иако е категоризирана како голема установа, во градинките нема вработени педагози, псхолози, ниту дефектолози.

Саздовска укажува на моментната состојба. – Со оглед на потребите и барањата, градинките не се во можност да одговорат на потребите на родителите во целост, бидејќи капацитетите се пополнети. На листа имаме над двесте деца кои чекаат на прием и згрижување. Групите се прекубројни и над нормативите. Имаме групи со по триесетина деца

За решавање на проблемот, најавени се отварања на центри за ран детски развој. Во скоро време треба да почнат да работат центри во селата Форино и Равен, а според програмата на општината треба да се отворат уште најмалку два.

Според Саздовска градинките најголема потреба имаат од технички персонал и вработувања во стручната служба. Неопходно е да се ангажираат и чувари со оглед на тоа што за трите објекти има само еден чувар кој се грижи и за зеленилото.

Би можело да ве интересира

38-годишна жена е повредена во сообраќајка во Гостивар

Поради сообраќајка на патот Тетово – Гостивар, сообраќајот по една коловозна лента

Тројца работници од Гостивар се повредиле на градежен објект

Во Гостивар водата не е за пиење, во Тетово има рестрикции

Катерина Ѓуровски

Двајца жители на Врапчиште нападнале судија од Гостивар, се бара пртивор

Водата во Гостивар не е за пиење, откриена е бактеријата ешерихија коли