„Деновите на македонска музика“ свечено ќе бидат отворени со Македонската филхармонија

Од:

На 22 март, овој четврток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе настапи на свеченото отворање на годинашното издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори од различни генерации: Три псалми за хор и оркестар (2017) од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар (2005) од Панде Шахов, како и премиерата на Концертот за виолина и оркестар (2016) од Филип Иванов.

Солисти на концертот се младите, но веќе искусни, талентирани и наградувани музичари: Александар Иванов на виолина и Игор Иванов на кларинет, а ќе настапи и византискиот Камерен хор „Херувими“.

Оваа вечер ќе бидат доделени и годинашните награди на организаторот на ДММ, Сојузот на композиторите на Македонија.

Александар Иванов (Скопје, 2000), најмладиот добитник на наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“, е роден во едно од постарите музички семејства во Македонија. Почнал да учи виолина на седумгодишна возраст, а моментно студира во Виена, Австрија. Истовремено e примен на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, каде што студиите ќе ги продолжи од септември 2018 година. На деветгодишна возраст ја добива првата награда на Меѓународниот конкурс за виолина во Арангеловац, Србија, и прва награда на Државниот натпревар во Скопје, по што следуваат повеќе први награди не само по виолина, туку и по солфеж. Добитник е и на втора меѓународна награда во Србија и на трета награда на престижниот „Меѓународен виолински конкурс – проф. Недиалка Симеонова“ во Хасково, Бугарија. Во 2014 година, на Московскиот меѓународен фестивал „Открита Европа – открита планета“, во категоријата соло-виолина, се закитува со Лауреат од втор степен. Во 2015 година на Интернационалниот натпревар по виолина „Сребрен камертон“ во Санкт Петербург, Русија, освојува Лауреат од прв степен. На првиот Danube Concerto Masterclass and Competition with Danube Symphony Orchestra, одржан во Будимпешта, Унгарија (2016), ја добива Специјалната награда од оркестарот. Во 2017 година, на Интернационалниот виолински конкурс во Осака, Јапонија, освојува четврта награда (првата не е доделена). Иванов свири и пијано, при што на Државниот натпревар во Скопје (2016) ја освојува првата награда. Во последните неколку години тој постојано е присутен на македонската музичка сцена, настапувајќи како солист со Камерниот ансамбл „Арко“, четири пати како солист со Македонската филхармонија, како и со Симфонискиот оркестар на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на „Виолин фест“, на „Денови на македонска музика“… Александар Иванов успешно ја претставува Македонија и во странство, настапувајќи во Софија во рамките на Европскиот музички фестивал, како солист со „Danube Symphony Orchestra“ во Будимпешта, како солист со оркестарот на Classic FM радио под диригентската палка на маестро Веско Ешкенази во Софија. Изминатиот период во Виена бележи поголем број солистички и камерни настапи. Иванов посетува голем број мастер-класи кај еминентни виолинисти – Вадим Репин, Стефан Миленковиќ, Луис Каплан, Роман Симовиќ, Светлин Русев, Михаил Готсдинер, Игор Петрушевски, Надја Неволович, Кшиштоф Венџин, Јоси Зивони и Леонид Кербел.

Игор Иванов (Велес,1984) го започнува музичкото образование во родниот град, а по завршувањето на Средното музичко училиште во Штип, во 2003 година започнува со студии на Универзитетот за музичка и драмска уметност во Грац, Австрија, во класата на еминентниот професор Штефан Шилинг. Во текот на своето студирање извесен период работи со неговиот камерен ансамбл „Стравински октет“, со кој во 2005 година добива можност за снимање цеде. Додипломските студии ги завршува во 2009 година, по што го продолжува своето образование со магистерски студии, повторно во класата на проф. Шилинг. За време на магистерските студии, учествува во програмата за размена на студенти „Еразмус“, преку која еден семестар престојува во Цирих, каде што посетува часови на Факултетот за уметности во класата на проф. Матијас Милер. По завршувањето на програмата „Еразмус“, повторно се враќа во Грац каде што ги завршува магистерските студии во 2012 година. Во текот на неговото музичко образование, Игор Иванов се стекнува со бројни оркестарски искуства, учествува во повеќе проекти за камерна музика, реализира повеќе соло-настапи, учествува на семинари и на натпревари, а посетува и мастер-курсеви кај повеќе светски познати кларинетисти, меѓу кои: Карл Лајстер, Венцел Фухс, Стенли Дракер, Џонатан Колер, Антонио Сајоте, Роберт Спринг, Мартин Шпанберг. Своето оркестарско искуствопак го стекнува со оркестрите: Symphonisches Orchester der Kunst Universität Graz, Bläßerphilharmonie der stadt Graz, Europien Master Orchester Wien, Wiener Walzer Philharmonie,Wiener Klang Sinfonieta и, притоа, концертира во повеќе држави, меѓу кои во Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксембург, Кина, Хрватска, Америка. Во 2012 година, по деветгодишниот период на студирање во Австрија, се враќа во Македонија, каде што ја продолжува својата музичка активност и успешно концертира и настапува како дел од ансамблот „Контемпора“ и со други бројни камерни состави. Моментно е втор кларинетист при Македонската опера и балет.

Формирањето на Камерниот хор „Херувими“ беше поттикнато од истражувањата на византиската музичка традиција на територијата на Македонија, како и од конституирањето на Катедрата за византолошки науки при Универзитетот „Евро–Балкан“ од Скопје во 2013 година. На репертоарот на „Херувими“ во најголема мера се застапени творби од македонски музички творци кои дејствувале во периодот на националната преродба, како што се: Димитар Златанов – Градоборски, Калистрат Зографски, Јоан Хармосин – Охридски, Андон Шахпаски, Манасиј поп Тодоров, Васил Иванов Бојаџиев и др. Хорот „Херувими“ досега има реализирано поголем број концертни настапи на разни домашни и меѓународни манифестации, како што се: симпозиумот „Денови на Јустинијан Први“, „Демирхисарско културно лето“ – 1.000 години од постоењето на манастирот „Св. Јован Претеча“, „Чествување во чест на Блаже Конески“, Светски ден на поезијата, „Светска меѓурелигиска конференција“ и др. Особено значајно е учеството на фестивалот „Охридско лето 2016“, каде што хорот настапи во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија, потоа и заедничкиот настап со оркестарот на Македонската опера и балет во Битола, по повод 25-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија, како и настапот на Свечената академија на МАНУ во Охрид, по повод 1.100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Овој хор е активен носител на програмата на Школата за црковно пеење од византиската традиција „Андон Шахпаски“, која од 2014 година во летниот период се одржува во Берово. Камерниот хор „Херувими“ настапува во состав од професионални музичари: Мирјана Павловска-Шулајковска, Катерина Ќетковиќ-Фидановска, Златица Жантевска-Пејиќ, Лиле Анастасова, Ружица Коџабашија, Сузана Стојчева, Весна Малјановска, Станислава Поцевска, Хермина Трпоска-Самарџиска и Јане Коџабашија. Хорот „Херувими“ има реализирано поголем број аудио и видеоснимки кои се емитуваат на програмите на Македонската радио-телевизија. Концертната дејност на хорот „Херувими“, преку која повторно оживуваат творбите од бројните ракописи и печатени книги на црковно пеење од словенско-византиската традиција настанати на територијата на Македонија, претставува значаен придонес кон зачувувањето и афирмирањето на црковното пеење како непроценливо национално културно наследство. Камерниот хор „Херувими“ со вечерашниот настап на свеченото отворање на манифестацијата „Денови на македонската музика 2018“ влегува во петтата годишнина од своето формирање.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска