Советот на општина Гевгелија ја усвои завршната сметка на буџетот за 2017 година според која вкупно реализираните приходи изнесуваат 427,7 милиони денари или 48,8 отсто од буџетот кој беше планиран на околу 876 милиони денари.
Приходите на основниот буџет биле реализирани во висина од 178,4 милиони денари или околу 33,3 отсто во однос на планираните 536,5 милиони денари.Најголемиот дел од приходите потекнуваат од даночните и капитални приходи како и од донации и дотации.
Вкупните побарувања за ненаплатени приходи на општина Гевгелија за 2017 година изнесуваат околу 97,7 милиони денари и се однесуваат на ненаплатени приходи од комунални такси за користење јавен простор, надоместок за уредување градежно земјиште и закуп како и данок на имот од физички и правни лица.
Реализираните расходи на општина Гевгелија изнесуваат 411,7 милиони денари односно 47 отсто од планираните расходи или 96,2 отсто од реализираните приходи. Обврските на општината по добиените, а неисплатени фактури изнесуваат околу 143,5 милиони денари.
Градоначалникот Сашо Поцков нагласи дека основниот долг на општината изнесува нешто повеќе од 2,3 милиони евра и изрази оптимизам дека ќе се стави под контрола со домаќинско, чесно и транспарентно работење.
– По официјалните потврди од Владата за добивање поволен кредит од меѓународните финансиски институции за санирање на долговите на општините, можам да потврдам дека сме на добар пат наскоро да го санираме општинскиот долг. Преку КФВ банката за развој на општина Гевгелија дополнително и е доделен грант од 2,5 милиони денари за реализација на проекти што значи заштеда на средства од општинскиот буџет и нивна пренамена за други потреби, истакна Поцков.
За усвојување на завршната сметка гласаа десетте советници на СДСМ и коалицијата. Двајцата независни советници беа воздржани, а седумте советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја напуштија седницата откако при утврдување на дневниот ред не беше прифатен нивниот предлог за расправа по законот за употреба на јазиците.