Македонија и Албанија ќе го зајакнуваат конкретниот потенцијал на туристичката понуда на Полошкиот регион и Елбасан. Преку проект на ЕУ за прекугранична соработка тоа ќе се постигне преку иновативни пристапи и употреба на онлајн алатки со цел зајакнување на капацитетите, меѓуграничната соработка, креирање на подобри понуди и отворање кон нови пазари.
Проектот за зајакнување на иновативниот туризам (СТЕП) денеска беше претставен во Тетово, а ќе биде имплементиран од Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со Центарот за развој на Полошки плански регион и Советот на Округот Елбасан.
На промотивниот настан каде покрај официјалните претставници на двата региона, носителите на проектот и десетици туристички претприемачи од двата региона, свои обраќања имаа градоначалничката на Тетово Теута Арифи и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец.
Покрај размената на искуства на настанот беа претставени и потенцијалните придобивки од проектот за малите и средните претпријатија и другите релевантни јавни и приватни туристички субјекти од регионот на Елбасан во Албанија и Полошкиот регион во Македонија.