Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска се сретна со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека двајцата соговорници констатирале оти двете земји имаат пријателски односи со висок степен на меѓусебна доверба и заеднички заложби за унапредување на регионалната соработка, мир и стабилност во регионот.
На средбата биле разменети мислења за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните состојби во однос на исполнување на стратешките цели на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО.
Претседателот Иванов се заблагодарил за отворената поддршка од Република Хрватска за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и оценил дека новата Стратегија за проширување на Европската комисија е позитивен сигнал за преземање на одлучувачки чекори за Република Македонија и определување на датум за почеток на преговори за членство на Советот на ЕУ во јуни. Во таа насока, претседателот Иванов се заблагодарил за конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.
Македонскиот претседател посочил дека двете земји треба да се фокусираат на проекти од значење за економскиот развој и изразил очекување дека успешната и континуирана соработка во одбраната, како и соработката за справување со мигрантската криза, ќе продолжат и во иднина.
Во насока на интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, претседателот Иванов изразил задоволство од претстојната официјална посета на претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ на Република Македонија и нејзиното учество на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи на 28 април во Скопје. Процесот Брдо-Бриони, потенцирал претседателот Иванов, е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.