Дебата за предложените измени на законите за туристичка и угостителска дејност

Од:

Сопствениците на туристичките агенции од Охрид, хотелиери, угостители, туристички водичи, приватни станоиздавачи и други заинтересирани субјекти денеска пред претставници на ресорното Министерство за економија ги изнесоа своите забелешки, предлози, мислења по однос предложените измени и дополнувања на законите за туристичка дејност, за угостителска дејност, за такса за привремен престој, како и општо за планираните мерки насочени кон подобрување на состојбите во туристичкиот сектор.

Јавната расправа ја иницираше Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, со единствена цел да се изнесат предлозите на предвидената измена во легислативата, пред се, на претставниците на туристичките субјекти од охридско-струшкиот регион како најрелеватна туристичка дестинација во земјата.

Сопствениците на туристички агенции изнасоа повеќе забелешки, со конкретни предлози во новиот закон за агенциско работење „А“ туристичката лиценца да биде со ограничен временски рок, за да се избегнат случаи на фиктивно основање агенција само за да се добие лиценца, а потоа да се работи „на диво“.

Конретна забелешка тие имаат и на дејноста на маркетинг-агенциите, кои функционираат како организатори на одредени настани, посредуваат во хотелско сместување, во превоз, обезбедување водичи, посредуваат во угостителски услуги, со што, велат, вршат туристичка дејност за која не се регистрирани.

Според Јаким Маленко, сопственик на туристичка агенција од Охрид, намерите се добри, но постојат конкретни несогласувања под одредени предлози, конкретно оној што се однесува на депонирањето големи средства за осигурување на аранжманите.

– Неколку стотини илјади евра за банкарска гаранција значи монополизација на дејноста, оттаму што само неколку агенции во земјата ќе можат да издвојат толкави средства , рече тој.

Тоа, според агенциите, ќе значи дополнителни трошоци за нив, а во крајна линија, покачување на цената на аранжманите, што, сметаат, не оди во прилог на заложбите за развој на туристичката дејност.

Приватните станоиздавачи со најголеми забелешки кон работата на инспекциските служби. Нивна оценка е дека недоволниот инепскциски надзор дозволува постоење нелојална конкуренција, појава на „диви“ станоиздавачи кои не плаќаат соодветна такса и давачки кон државата.

– Инспекциските служби селективно вршат контрола врз работата на приватните станоиздавачи, а на штета на сите. Физичко лице од Холандија купува апартмани во Пештани, сместува гости во својот објект, а не плаќа никакви такси ниту давачки кон државата, изјави Томислав Бакулески, приватен станоиздавач.

Шофкет Хазари, државен советник за туризам при Министерството за економија истакна дека се прифатливи сите забелешки и предлози на субјектите од областа за кои ќе се оцени дека би имале позитивен импакт во развојот на туристичката дејност. Тој истакна дека се работи за комплексна дејност, оттаму и различни барања, предлози, ставови на различните туристички субјекти.

– Нормално е да има спротивставени ставови, но оттука произлегува потребата институциите, како на локално така и на национално ниво, да придонесат во изготвувањето легислатива што ќе води грижа за секој од субјектите во туристичката дејност. Токму во таа насока се формирани две работни групи, едната да работи на измени и дополнувања на легислативата, законите и подзаконските акти, додека другата работи на усогласување на ставовите во областа на националната стратегија за туризам, рече тој.

Што се однесува на забелешките на работата на туристичката инспекција, Хазари нагласи дека интенција на новата регулатива е тоа да не биде само орган што врши контрола на дејноста и воглавно да делува репресивно, туку ја потенцираше нејзината функција во насока на своевиден едукатор во браншата, субјект што покрај основната дејност би требало и да укажува на тоа како треба да се работи во сферата на туризмот во интерес на сите, како на давателите на услуги така и на самите клиенти.

Ова е втора средба на претставнциите на Министерството за економија со охридските туристички субјекти, посветена на изнаоѓањето позитивни решенија што би биле инкорпорирани во легислативата што ја уредува туристичката дејност. Најавено е дека ќе има барем уште еден ваков состанок пред измените во легислативата што ја уредува туристичката дејност да бидат доставени како предлог пред Влада.

На следната работна средба ќе присуствуваат и претставници на Светска банка, што според градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, претставува признание за големиот туристички потенцијал што го поседува градот.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ