Бит пазар – лавиринт без излез

Од:

Уште на самиот влез, нередот и метежот, оставаат впечаток дека тука ниту на купувачите им е пријатно, ниту пак на продавачите им е задоволство да нудат производи. Главниот влез на Бит пазар, окупиран од импровизирани тезги на тротоарот, воопшто не наликува дека тука е лоциран најголемиот и најпознат скопски пазар. А внатре, лавиринт од стари тезги, начичкани една до друга, тесни пролази низ кои тешко се разминуваат муштерии со полни ќеси. Насекаде вирови со насобрана вода, а остатоци од снегот протекуваат низ покривите на тезгите, па пазарџиите самите си ставаат заштитни најлони, за колку- толку да ја скротат водата и просторот околу својата тезга да го направат попристоен за да привлечат муштерија повеќе. Со еден збор – да не ти текне да пазариш.

И така Бит пазар пропаѓа цела деценија, исто колку што траат ветувањата на раководството на Скопски пазар (СП) дека ќе инвестира во нов пазар. Пред неколку седмици директорот Сашо Давитковски, најави дека конечно ќе започне реконструкцијата на пазарот, но не сакаше да открие од кои извори ќе се финансира реновирањето кога се знае дека компанијата е заглавена во милионски долгови, а целото раководство на фирмата е соочено со кривична одговорност за сомнителни акции. По најавата за изградба на пазарот следуваше ново кредитно задолжување на Скопски пазар. Овој пат за 600 илјади евра во Комерцијална банка, извести Берзата. Дали со овие пари ќе се гради пазарот? Со ова задолжување практично се зголемуваат финансиските обврски на фирмата, покрај деветте милиони евра по основ на кредити и над пет милиони кон добавувачите. Така што, овој последен кредит не може да ги покрие долговите на фирмата, а дали може да се намени за изградба на Бит пазар, ќе се знае набрзо.
Давитковски објасни дека изградбата ќе има четири фази, што значи дека дел од продавачите ќе се дислоцираат додека се гради нивната парцела, и така со неколку дислокации на тезгите и разместување на продавачите, наводно за многу брзо Бит пазар ќе биде реконструиран.

Но, што се случува на терен? Во обид да видиме дали навистина најавите за нов пазар на СП се сериозни, зборувавме со пазарџиите, оние кои биле сместени на крајот, во последниот дел од пазарот и кои пред неколку месеци биле дислоцирани со ветување дека за брзо ќе се вратат на своите места. Дополнително на таа локација од каде што биле дислоцирани имало и неколку продавници кои сега ги нема. Не затекнавме работници на терен, а вознемирените пазарџии со право се прашуваат- како ќе се вратат на старата локација кога со денови нема мајстори.

-Претходните денови се појавуваа само двајца работници кои нешто работеа, ама не ни е јасно што. Сега, овие денови нема никого. Еве, уверете се, нас не преселија, дуќаните ги рушија, но локацијата остана во хаос. Никој не ја уредува за да кажеме дека навистина ќе се гради пазарот. Нам со години истото ни се ветува и веќе и да е вистина нема да веруваме- раскажува Н.А.

Сите со кои зборувавме не сакаат јавно да им се објават имињата затоа што имаат горчливо искуство од минатото- се плашат да не ги санкционираат од СП, сопственикот на тезгите кому му плаќаат по 4 000 денари месечно по тезга. Дали тоа што пазарџиите се преместени од еден од пазарот значи дека реконструкцијата во фази е започната? Давитковски не сака поопширно да зборува на темата. Затоа некои важни прашања во врска со иднината на Бит пазар ќе останат неодговорени за јавноста.

Преместените пазарџии во моментов се поставени во една тесна уличка во која ретко минува некој. За два часа, колку што траеше нашата посета, само на една тезга, од вкупно десетина, застана една жена која не се одлучи да купи нешто.

-Ние сега сме оставени тука и чекаме што ќе се случи за нашата стара локација за тезги. Таму имавме далеку повеќе купувачи, а тука не можеме ниту киријата за тезгата да ја извадиме. Тука сега самите се организираме. Заваруваме тенди над тезгите, поставуваме најлони за заштита од дожд и се обидуваме некако да привлечеме муштерии. Според мене, најдобро ќе беше пазарот да се затвори целосно, за една година да се направи од темел и да се отвори целосно нов. Така ќе трпиме една година, вака сега, не се знае крајот. Еве половина година помина ни 10 отсто од пазарот не е реновиран- револтиран е продавачот на дребулии, И.Н.

И оние пазарџии кои не се преместени и се уште продаваат на старите места не се задоволни од условите во кои работат. Во зимски услови им е ладно, немаат адекватна заштита на стоката, а работата им се намалува од година во година, како резултат на масовната појава на маркети.

Впечатокот е дека овие чесни луѓе немаат никакви информации што се случува во Скопски пазар и каква иднина ќе има пазарот кој има атрактивна локација, но полека се распаѓа. Тоа го потврдува и околината на пазарот- каде и да се свртите забележувате купови со ѓубре, искршени гајби, остатоци од железа…во такви неугледни услови јасно е дека не може да опстане овој пазар.

Разговорот со тезгаџиите го наслушна едно момче. Се вмеша со тврдење дека е вработен во Скопски пазар и дека нема земено плата од декември. Немаше престава што се случува во неговата фирма, дека постојат кривични пријави, дека СП одново се задолжи со нов кредит, нему му е важно дали и кога ќе има плата и одговор – зошто му доцнат и придонесите неколку месеци?

-Прв пат слушам дека е можно да им судат на директорите на фирмата. Ние со колегите одамна се сомневаме дека раководството на СП се занимава со сомнителни работи, особено во последните години кога ни стана јасно дека одиме само надолу. Се исплашив кога почнавме да затовораме маркети и кога од први на пазарот станавме последни- пренесува М.С.

Разочарани од условите за работа и од неможноста чесно да заработат пристојна плата, пазарџиите надеж гледаат во нов инвеститор, во нова стратегија за функционирањето на Бит пазар, така си мислат дека ќе им се вратат и муштериите и насмевките.

Би можело да ве интересира

Летале куршуми кај Бит Пазар, оштетени прозорци од куќи и возила

А1он

Си оградил државно земјиште на Бит Пазар и си наплаќал паркинг – доби кривична

Ранет маж во близина на поликлиниката Бит Пазар

Пукање на Бит Пазар, уапсен е пиштолџијата

Момче од Италија е истепано и повредено во Скопје

Кривични пријави за наплаќачите на „дивиот“ паркинг кај поликлиниката Бит Пазар