Најмалку уште две нови странски инвестиции во Македонија во наредните три-четири недели од големи компании, најави денеска премиерот Никола Груевски, оценувајќи дека на тој план работите годинава почнале добро.
– Можам да кажам дека годината почна добро. Еве имаме објава на една турска компанија којашто ќе отвори фабрика во Македонија поврзана со фармацевтската индустрија. Во наредните три-четири недели, очекуваме најмалку уште две крупни компании да го објават својот влез во Македонија. Можеби и повеќе, но најмалку две компании, според сознанијата што ги имаме. Вообичаено не можам да зборувам за имиња додека самите не ги објават своите намери и не не овластат тоа да го направиме. Се додека не се случи тоа ние сме мошне внимателни, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови наслови од владиниот проект за превод на стручни книги.
Новата објавена инвестиција, како и тие што се во најава, истакна премиерот, ќе отворат компании во кои ќе се вработат голем број луѓе. Од тој аспект оцени дека работите тргнале добро и се надева оти ќе продолжат така особено имајќи прдвид дека имало поголем број компании што планираат да отворат нови фабрики, а Македонија е влезена во потесен круг од три – четири држави меѓу кои треба да се одлучат каде ќе ја реализираат својата нова инвестиција.
– Двајцата министри за привлекување инвестиции, директорите на Агенцијата за странски инвестиции и на технолошките развојни зони, како и сите наши промотори и другите министри од економската сфера во Владата, вклучително и јас, работиме на тоа што повеќе со таквите компании што не внеле во некаква подоцнежна фаза за размислување да одржуваме контакт, да ги информираме постојано за нови детали кои би придонеле за нивна конечна одлука да инвестираат во Македонија, нагласи Груевски.
На привлекувањето странски инвестиции, најави, ќе останеме посветени и во оваа година, како што бевме посветени силно и во претходната иако е светска криза, особено европска криза, најособено криза на земјите од европската монетарна унија. – Сепак, наша обврска и единствена главна цел ќе биде да продолжиме да работиме на привлекување што повеќе инвеститори со крајна цел отворање нови работни места, изјави премиерот Никола Груевски.