Охрид SOS: Владата уверува дека охридскиот регион е надвор од опасност, македонската јавност – како и секогаш – во мрак

Од:

Владата со ентузијастичка најава дека опасноста за охридскиот регион е отстранета и со задоцнување од 15 дена го поднесе Извештајот до УНЕСКО. Македонската јавност сè уште нема увид во овој јавен документ, а не беше навремено информирана ни за основањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион.

Минатата седмица Владата објави дека „е отстранета опасноста охридскиот регион да го загуби статусот на Светско наследство на УНЕСКО“ што следеше по 54-та седница од 13 февруари 2018 беше усвоен Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.

Овој извештај македонската влада имаше рок да го достави до 1 февруари 2018, а беше побаран уште на 40-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Истанбул, Турција во јули 2016 одина. Потребата од ваков извештај се должеше на сè поголемата опасност предложените урбанистички проекти да придонесат за неповратно уништување на извонредните универзални вредности на регионот – Охрид и Охридското Езеро за првпат се соочија со можноста да бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност. Како резултат на таа опасност следеше посетата на Реактивната мониторинг мисија во април 2017 година, од која произлезе и Извештај чии препораки беа усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017 година.

Во нормални услови, со ваквата изјава на Владата би требало да сме повеќе од задоволни. Но, не сме, а за тоа има повеќе причини.
Најпрвин, јавноста сè уште не го видела овој јавен документ во кој треба да се образложи конкретно кои мерки кои го гарантираат статусот на УНЕСКО се преземени. И покрај ваквата изјава, шестата препорака со рок до 1 февруари 2018 година од Извештајот на Реактивната мисија во која се бара прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, јасно е дека не е имплементирана иако се смета за критично важен чекор кој треба да се преземе. Според најновиот Извештај (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 година на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското Езеро“, велат активистите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.

Според нив, неколку од заканите кои во моментов сериозно го деградираат единственото македонско светско културно и природно наследство, како што се: катастрофалната состојба на колекторскиот ситем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот. Тие едноставно не може да се решат преку ноќ.

„Владата нема ингеренции да одлучува за статусот на доброто, односно дали тоа ќе биде или нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Таа одлука треба да ја донесе Комитетот за светско наследство врз основа на активностите преземени на терен во текот на претстојните месеци и години, не само врз основа на еден извештај кој сè уште јавноста не може да го види. Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза. Во спротивно, како воопшто би можеле да бидеме сигурни дека делувањето на носителите на одлуки, сега како и во иднина, е навистина за доброто и на луѓето и на природата истовремено? Како би можеле да бидеме сигурни дека зборовите соодветствуваат со делата и дека нема да биде предоцна нештата да се поправат?“, прашуваат од Охрид ЅОЅ.

Би можело да ве интересира

„Охрид SOS“: Се замајува јавноста дека институциите активно работат на зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО

Ана Ололовска

Отсуството на луѓе го врати „големиот нуркач“ на охридското крајбрежје

Искра Манојлоска

„Охрид СОС“: Наместо стопирање на урбанистички хаос, новиот закон за легализација носи намалување на казните

Кристијан Ландов

Охрид ЅОЅ: Вечниот конфликт на Општина Охрид со дрвјата

Ана Ололовска

Охрид СОС: Од решавањето на проблемот со дивоградбите ќе зависи дали Охрид ќе биде во УНЕСКО

Ана Ололовска

„Охрид СОС“: Општина Охрид никаде не го спомнува УНЕСКО

Ана Ололовска