Во наредните два дена во Скопје ќе се одржи Вториот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2018“. На мразот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ своите вештини ќе ги демонстрираат 60 натпреварувачи на возраст од 5 до 25 години. Настанот започнува во петок во 19:00 часот со извлекување на стартните броеви на учесниците, по што ќе следува свеченото отворање на престижниот спортски натпревар. Истата вечер ќе се одржи натпреварот во три интерпретативни категории на кој ќе учествуваат 14 натпреварувачки. За в сабота се закажани натрпеварувачките категории.
„По минатогодишниот успешен натпревар во уметничко лизгање, што за прв пат се организираше во нашата држава, оваа година имаме огромна задача и предизвик да бидеме подобри и поуспешни од лани. Среќни сме што успеваме да го развиваме овој спорт. И покрај непостоење соодветни услови за тренинг сепак резултатите се движат во нагорна линија. Меѓу другото целта на овој, веќе традиционален натпревар е да го промовира уметничкото лизгање во Македонија и нашите млади и успешни спортисти, кои секојдневно вредно работат. Сакам да ги поканам сите љубители на уметничкото лизгање утревечер и в сабота претпладне да бидат дел од настанот и да уживаат во настапите на нашите натпреварувачи“ – изјави претседателката на Федерацијата за лизгачки спортови, Цветанка Макаровски.
На натпреварот, покрај домашните натпреварувачи, ќе учествуваат и гости од Србија, Грција, Бугарија и Хрватска. Влезот за гледачите и двата дена ќе биде слободен. „Skopje on Ice“ се организира втора година по ред од страна на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот Центар „Борис Трајковски“.