По две недели пауза, пратениците почнуваат со набиена агенда за работа. Собранискиот спикер Талат Џафери закажа две пленарни седници, а најавени се и неколку комисии. Според дневниот ред, пратениците треба да продолжат со работа по 26-тата седница на која единствена точка е предлог законот за изменување и дополнување на законот за пензиско и инвалидско осигурување, по скратена постапка. веднаш потоа е закажана е и 36-тата седница на која прва точка на дневен ред е изборот на потпретседатели на собранието.
Ова ќе биде втор обид да се изберат потпретседателите откако претходниот обид пропадна по реакцијата на опозицијата дека точката била ставена на дневен ред во последен момент , а тие немале време да ја разгледаат, како што тогаш образложија од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците ќе го разгледуваат и предлогот на Антонијо Милошоски за објавување оглас за избор на нови членови на ДИК, откако целиот состав со исклучок на еден член поднесе оставка, по скандалот со доделените бонуси за изборите.
Законот за јазиците не е на дневен ред и се уште нема одлука како ќе се разгледуваат 35-те илјади амандмани кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Со цел да не се блокира работата на собранието, неофицијално се чека политички договор меѓу партиите, а освен за законот за употреба на јазиците, на „стенд бај“ се повеќе реформски закони, како законот за заштита на сведоци, за патните трошоци итн.