Градот Скопје, преку својата програма за активностите во областа на спортот и младите, традиционално издвојува значителни средства за поддршка на средношколскиот спорт.
– Не можам да го сокријам задоволството што вие учениците заедно со вашите професори по физичко воспитување, во изминативе години, покажавте дека само со истрајна, упорна и посветена работа се стигнува до саканиот резултат. Докажавте дека вложувањето во спортските достигнувања не е кочница за вашиот успех во школувањето и дека желбата за спортот може да биде сојузник на вашиот личен и професионален развој – изјави градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека го радува фактот што владее спортскиот дух меѓу младите и упати силен апел до нив да спортуваат, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
– Поттикнувајте фер игра и соочете ги способностите и амбициите. Само така ќе придонесете за здрави и дисциплинирани генерации. Јас како Ваш градоначалник секогаш сум тука со поддршка за остварување на вашите спортски соништа, бидејќи вложувањето во индивидуалните соништа и лични капацитети значи влог во заедницата во која живееме – порача Шилегов.
Градоначалникот Шилегов ги информираше присутните во салата дека годинава за мотивација на средношколците Градот Скопје ќе доделува и стипендии за спортисти – средношколци во средните училишта на неговата територија, и дека паралелно со реконструкцијата на училишните објекти ќе се направи реконструкција и на спортските сали.
Наградниот фонд кој е предвиден за стипендии изнесува 3 милиони денари, што значи дека Градот ќе стипендира вкупно 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, со по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.
Исто така, како и секоја година, најдобрите екипи од средните училишта и годинава ќе имаат можност за една убава спортска дружба со нивните врсници од странство. По успешните гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и Белград, Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во еден од европските збратимени градови за најдобрите средношколски екипи во мал фудбал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција.
Бројот на учесниците во овие лига и турнир систем натпревари во средните училишта секоја година се зголемува, а годинава веќе ја надмина бројката од 6.000 ученички и ученици од 29 средни училишта во Скопје.
Секако, за масовноста на овие лиги свој придонес имаат и професорите коишто амбициозно создаваат спортски генерации и го поттикнуваат натпреварувачкиот ентузијазам кај своите ученици.
За организација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот годинава од својот буџетот одвои 2,3 милиони денари.