Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на денешната прес-конференција ја соопшти годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес.
„Драстично е зголемена транспарентноста во целиот процес на конкурирање и во објавувањето на резултатите. Министерството за култура за прв пат го објавува списокот на одобрени проекти со побарани и одобрени суми, а за прв пат се објавуваат и составите на комисиите. Со ова демонстрираме дека транспарентноста и отчетноста пред граѓаните е наш врвен приоритет“, рече министерот Роберт Алаѓозовски.
Тој истакна дека Министерството за култура за време на конкурсниот период обезбедило две јавни консултативни средби и една консултативна он-лајн сесија за потенцијалните апликанти.
„Вкупно се добиени повеќе од пет илјади пријави и во речиси сите дејности има видливо зголемен број на пријави. Тоа покажува зголемена доверба во Институцијата и нејзин успех во популаризација на конкурсот. Одобрени се над 50 отсто од пристигнатите апликации, што демонстрира заложба на Министерството да им излезе во пресрет на уметниците и културните работници“, вели Алаѓозовски.
Како водечки принципи на целиот процес, Алаѓозовски истакна дека се домаќинското работење и одговорноста кон парите на граѓаните на РМ.
„Анализата на резултатите од конкурсот покажува дека годинава имаме далеку порамномерно и поправична дисперзија на средства од минатите години во однос на етничката, географската, родовата застапеност и застапеност на маргинализираните заедници“, рече министерот.
Тој додаде дека исто така помеѓу поглавните приоритети на целиот проект е и заштита на културното наследство.
За сите оние кои се сметаат за обесправени при изборот, по доставување на решението имаат право на жалба во рок од 15 дена.
Виктор Јованов