Три години од првите „бомби“, СЈО со обвиненија за стотина лица

Од:

На 9 февруари пред точно три години, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од партиското седиште во Скопје во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери ја објави првата бомба на опозицијата. Во првите аудиоснимки што Заев ги објави на 9 февруари 2015 година беа разговорите од него и од новинарката од Радио Слободна Европа, која го прашува за буџетот на Општина Струмица, разговор со ќерка му и разговор помеѓу ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески.

Тогаш Заев ги обвини експремиерот Никола Груевски и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, дека по нивен налог биле прислушувани над 20.000 граѓани. Заев истакна дека, покрај прислушуваните опозиционери, новинари, биле прислушувани и министри од Владата, а бил прислушуван и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, иако во јавноста никогаш не беа јавно емитувани разговори со него. СДСМ набргу по првата бомба, поднесе и кривична пријава против ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, против ексначалникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и против непознати лица во УБК.

Изборот на Јанева и нејзиниот тим

Обвинителката од Обвинителството во Гевгелија, Катица Јанева, беше избрана за специјален јавен обвинител на 15 септември 2015 година од Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетира со дополнителни 12 обвинители. Случајно или не, Јанева е родена на истиот датум, 9 февруари, кога беше објавена првата бомба на опозцијата. Нејзиниот избор беше дел од договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политичките партии и големо мнозинство пратеници во Собранието. Специјалното јавно обвинителство на почетокот воспостави стварна надлежност над 34 предмети, вклучително и на предметот „Пуч“, од кого подоцна се откажа, како и „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“…

Истраги и обвиненија

На 12 февруари 2016 година СЈО ја објави првата истрага наречена „Титаник“ за изборни нерегуларности. Потоа следуваа уште 10-ина истраги – „Таргет“, „Тортура“, ТНТ, „Транспортер“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“ „Тендери“, „Тенк“, „Тарифа“… По една година работа, СЈО се пресели во нов објект и ги поднесе првите две обвиненија, а лани во јуни преостанатите. Меѓу обвинетите е поранешниот политички врв на ВМО-ДПМНЕ.

Никола Груевски и Миле Јанакиески добија по 5 обвиненија, Сашо Мијалков 4, а Гордана Јанкулоска 3.

Во вкупно 20 обвиненија на СЈО опфатени се над 100 обвинети лица, како и 7 правни лица. Уставниот суд досега не се изјасни по иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на Законот за СЈО, што ја поднесе Тодор Петров. Оваа иницијатива сè уште се наоѓа во фиоките на судот. СЈО во декември лани отвори седум нови истраги против 17 лица, со кое треба да гони поранешни министри, директори, пратеници и новинари за кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба. Освен тоа, сè уште нема обвиненија за истрагите „Талир“ и „Табла“. Правосилна пресуда има по признание на вина во случајот „Таргет-Тврдина“. Пресуда беше донесена и во случајот „Тврдина 2“ за уништувањето на документација од системите за прислушување, како и две условни пресуди во случајот „Насилтво“.

На 15 март СЈО треба да го објави најовиот извештај за сработеното. Судењата за приближно сите обвиненија се во тек, освен за случаите „Титаник“, „Титаник 2“ и „Титаник 3“. Според досегашниот тек на судењата, најбргу може да се очекува пресуда во случајот „Труст“, бидејќи сите докази на СЈО се исцрпени, по што остануваат доказите на одбраната и завршните зборови.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Украина: Русија почна масовно да користи термобарични боеви глави

Горан Наумовски

Полицајци пронашле рачни бомби поставени на планинарска патека

Горан Наумовски

СБУ: Руси поставиле експлозиви во продавници во Киев, планирале терористички напад

САД: Евакуација по добиени дојави за поставени бомби

Неколку училишта и некои институции во Белград утринава добија дојави за поставени бомби

Дојави за бомби во неколку белградски училишта