Законот за борба против корупција е добар, институциите е потребно да функционираат за тој да почне да живее, смета д-р Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнел Македонија“, а поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.
Борбата против корупцијата, децидна е, не може да се води само со обврска за пријавување на имот на функционер, негови сестри кои живеат во странство, браќа кои не живеат со функционерот. Вели дека нема логика законскиот опфат да се прошири и до трето колено за пријавување на имот, доволно е добар е и сега, доколку секоја институција си ја работи работата.
– Институциите имаат бази на податоци, но треба да почнат да функционираат, да живее Законот. Политичките пазарења и калкулации, водат до тоа да кај нас ништо не функционира. Не функционира обвинителство, Антикорупциска, УЈП. Немаме функционален систем. Систем на проверка и контрола е мислена именка. Ако не поднесам анкетен лист ќе следува парична казна, но потоа УЈП по автоматизам поведува друга постапка, наназад за 5 години. И ако во таа постапка се утврди дека има приходи од природа која не може да се оправда, тогаш е предвидено оданочување со 70 проценти од вредноста. Сега и во Кривичниот законик има и дел за несразмерно богатење, па може да му се одреди и казна во кривична постапка. Кај нас сите овие работи се убаво поврзани во законите, но не се применуваат во пракса, вели Тасева.
Не мора секогаш да се чека на иницијатива на Антикорупциската комисија за проверка на нечија имотно-финансиска состојба, напротив тоа треба да биде обврска на сите државни институции, борбата е заедничка. Пред се’, обврска на Управата за јавни приходи, која во секој момент може да провери и да дојде до заклучок дали и колку нечиј имот несразмерно се зголемил и дали тој имот потекнува од оданочени приходи, дали некој доволно заработува за да се стекне со него или сепак во прашање е корупција.
Според неа, јасно е дека секој од нас има обврска да пријави данок, плата, хонорарни приходи, па УЈП лесно може да провери дали некој функционер или член на семејство, без разлика дали живеат во заедница, има доволно приходи да купи стан. Или некој друг го купил, па се поставува прашањето – кој ?
Потсетува дека во минатото имаше многу примери на функционери, кои обезбедиле станови за своите деца, без да го пријават имотот. Поради тоа, некои беа и разрешени.
Ќе се воведе електронско пополнување на анкетни листови
Од ДКСК пак изјавија дека борбата против корупцијата ќе ја засилат со една новина-ќе воведат електронско пополнување на анкетни листови. За тоа се потребни законски измени, во случајот на член 33, став 2, за пополнување и доставување на анкетен лист за имотна состојба. Препораки за подобрување на законската регулатива, поточно за интервенција во постојната легислатива, добиле и од Европската Унија, како дел од ИПА ТВИНИНГ Проектот “Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупција”.
Веќе доставиле Иницијатива до Министерството за правда за измени и дополнувања на сегашниот Закон, во делот на електронско пополнување и доставување на анкетен лист на избрани и именувани лица.
– Начинот ќе овозможи точно, ажурно и навремено објавување на податоците од доставените анкетни листови на избраните и именуваните лица на интернет-страницата на ДКСК, со цел да се избегнат можни технички грешки во податоците настанати при внесувањето на истите во електронската база што се води во ДКСК. Истовремено, со тоа ќе се овозможи кадровските капацитети на ДКСК повеќе да се насочат кон проверка и следење на имотната состојба на избраните и именуваните лица-изјавија од Одделението за односи со јавност на Антикорупциската комисија.
Јавноста уште нема увид во имотот на екс функционери
Најавени се и законски измени за она што беше сериозен проблем досега, а се однесуваше и на отстранувањето на анкетните листови од веб страницата на ДКСК, по престанок на функцијата на именуваните лица.
Јавноста 15 години нема увид за зголемување на имотот на сите бивши функционери-со каков имот располагале, а со каков заминале. Архива има, но таа е далеку од очите на јавноста. При последната смена на власта, од ДКСК, изјавија одбија да ги објават анкетните листови на функционерите во заминување со став дека станува збор за „лични податоци, заштитени со закон“ во однос на барањата на медиумите дали и колку нечија имотна состојба се зголемила.
Претседателката на „Транспаренси Интернешнел Македонија“, Тасева, смета дека податоците за функционери и нивната имотна состојба треба да останат на веб страницата достапни. Но, исто така да бидат достапни и анкетните листови на антикорупционерите, лица, кои ги именува Собранието на Македонија.
– Функционерот е должен да достави анкетен лист 30 дена по стапувањето на функција, но и 30 дена по нејзиниот престанок. И тој анкетен лист треба да стои на веб страницата, заедно со сите други претходни. Поентата е ние да можеме да следиме и да споредиме, да прашаме. Нешто за кое бараме промена на Законот е токму ова. Ова треба да го реши законодавецот. Исто така бараме и своите анкетни листови да ги објавуваат на нивниот сајт. Нивниот став, на барањето од поранешни членови на ДКСК, зошто ги нема нивните анкетни листови, е дека тие треба да ги објави Собранието на Македонија, кое ги именува. Но, тој став не е точен. Таа постапка треба да биде идентична како и за сите други функционери. Мораме да ја имаме информацијата-изјави Тасева.
Од Антикорупциската комисија објаснија дека податоци има, но тие остануваат во електронската база на Комисијата и во хартиена форма во Архивата на ДКСК.
– Оваа проблематика ќе биде решена со донесувањето на неопходните законски измени-најавија од ДКСК, потенцирајќи дека Државната комисија за спречување на корупцијата не го носи Законот за спречување на корупцијата, туку го спроведува, но секогаш се залага за подобрувањето на законската регулатива.
УЈП мора и сама да следи перење на пари
Во изминативе години, јавноста дозна за неколку крупни случаи на непријавен имот на блиски членови од семејството на функционери, на пример за становите на мајката на Никола Груевски или оној на синовите на Силвана Бонева, по што се отворија нови прашања и низа дилеми-дали во Законот е доволно јасни одредбите околу пријавување на имот на функционерот и членови од нивното семејство.
Според сегашните одредби, лицата функционери треба да пријават се’ што е на нивно име и на сите лица од нивното семејство, кои живеат под ист покрив, во семејна заедница. Поточно, сите лица од семејството кои се на иста адреса, според личната карта.
Во случајот на Никола Груевски и Силвана Бонева, тоа беше поинаку. Случајот со становите беше обелоденет кога тој беше опозиционер и немаше обврска за пријавување на било каков имот. Но, во време кога тој стана премиер, во 2006 година, мајката на Груевски се водеше на друга адреса и тој повторно немаше обврска да поднесе анкетен лист до ДКСК за нив, а истото беше случај и со синовите на Бонева.
Случајот со становите на мајката на Груевски беше актуелен во време кога Тасева беше на чело на ДКСК.
– Откако завршија изборите, пред да настапи обврската за пријавување на имот, тие извадиле нови лични карти. По таа основа, немаше обврска да се пријавува имот од некого со кого повеќе не живееш заедно. Но, Управата за приходи никој не ја спречува да утврди на кој начин, некој се стекнал со имотот. Тука е Антикорупциската комисија, меѓутоа, што прават останатите институции ? Обврската за пријавување е таа.
Ако децата на Бонева на пример имаат станови, ако тој се зголемил во меѓувреме, има други органи кои треба да видат како тие се стекнале со нив. Ако функционерот има стан на свое име за своето дете, треба да го пријави. Ако неговото дете има стан на свое име, а не живеат заедно, нема. Но, ако некој се сомнева дека детето не можело да се стекне со таков имот, ја имаме УЈП, други органи, кои треба да си ја работат работата. Затоа што тоа е начин на перење на пари.
Ние треба да имаме систем кој треба да функционира доколку некој има имот, а нема документи да покаже и докаже од каде му е. Не мора целата тежина да се става на Антикорупциската, затоа што имаме повеќе институции со надлежности и систем кој треба да функционира. Ако ние тогаш рековме дека немаме надлежности да проверуваме за становите на мајката на функционерот, со кој повеќе таа не живее заедно, ама такво право и обврска има УЈП, да види како некој се стекнал со тој имот, дали од оданочени приходи. Ако не, да се утврди во даночна постапка-објасни некогашната претседателка на Антикорупциска комисија, Тасева, сега претседател на „Транспаренси Интернешнел Македонија“.
Управата за јавни приходи во изминатата деценија во неколку наврати наплати големи суми од функционери, кои, не пријавија имот и кај кои не можеше да се утврди потеклото на парите за имотите. Според изјавите на екс директорот на УЈП, Горан Трајковски и според информациите на сајтот на УЈП, наплатени беа даноци од градоначалничката на Центар, Виолета Аларова, од судијката Снежана Попчевска, од директорот на Институти во Клинички центар, Стојмир Петров. Марина Петрова, сопруга на Борче Петровски. И тоа во постапки според Законот за персонален данок на доход, со 70 отсто оданочување.
Во Романија и Латвија им дишат во врат на функционерите
Според д-р Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнел Македонија“, земји кои се позитивни примери во борбата против корупцијата се Романија и Латвија.
– Романија е најдобар пример. Тие направија една агенција, која се занимава само со објавување на анкетни листови и нивна анализа. На нивниот сајт имаат неколку милиони анкетни листови. Најголем дел од пријавите кои ги води обвинтелството, потекнуваат токму од анализите на оваа агенција. Имаат пристап до сите бази на податоци и само тоа го работат како посебна институција. Имаат пристап до Катастар, до УЈП, автомобили, Централен регистар за хартии од вредност каде може да видат дали некој има акции и кога се стекнал, дали купил автомобил, стан, брод и каде се троши, објасни Тасева.
Во Латвија, пак, не само што ја проверуваат имотната состојба, затоа што имаат исто така пристап до сите бази на податоци, туку проверуваат и судир на интереси. Ако некој има акции во некоја фармацевтска компанија, а во исто време е пратеник во Собрание кој гласа за некој закон кој е во интерес на таа компанија, веднаш може да се види судирот на интереси.
Јорданка Ивановска
Овој проект е ко-финансиран од Европската Унија. Оваа статија е изработена во рамките на проектот “Во фокус: Надминување на злоупотребите на должност”, имплементиран во партнерство помеѓу НВО Профицио и медиум А1Он, а со поддршка од Проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа – ACTION SEE, спроведуван од Фондација Метаморфозис, Вестминстер фондација за демократија, Центар за истражување, транспарентност и отчетност – CRTA, Граѓанска асоцијација Why not?, Центар за демократска транзиција – CDT, Open Data Kosovo (ODK), и Levizja Mjaft!. Содржината на оваа статија не го одразува официјалното мислење на Европската унија. Одговорноста за информациите и ставовите изразени во статијата е целосно на авторот (ите).