Во Берлин на спектакуларен начин е ограбена филијала на Фолксбанка – Ограбувачите ископале тунел долг 30 метри, од една подземна гаража до банкарскиот сеф и на крајот на ” операцијата“ подметнале пожар за да ги прикријат трагите, објавија германските медиуми.
Од ограбувачите нема ни трага ни глас, во нападот никој не е повреден, а висината на штетата се уште е непозната, наведе германскиот политички неделник Шпигел.
Неделникот додава дека, според полициски проценки,” тунелот” е многу професионално изграден и претходно не бил откриен, бидејќи се наоѓа во подземна гаража.
Се проценува дека сторителите дури и со недели морале да го копаат тунелот.
“Берлинер цајтунг“ пишува дека крадците пробиле дури и два тешки бетонски ѕидови, засилени со челик, за да влезат во банката.
Упадот во банката утринава го откриле пожарникари, откако биле повикани од станар на блиската куќа, бидејќи забележал пожар во гаражата.
За сега многу прашања во врска со грабежот на банката се неразјаснети, вклучувајќи го и точното време на провалата, пренесуваат медиумите, наведувајќи дека полицијата го истражува случајот.
Овој грабеж потсетува на еден од 1995 година. Тогаш група од шест луѓе ја ограби филијалата на Комерц банка во Берлин, зеде 16 заложници, а потоа, заедно со товарот, избегале низ тунелот. Тунелот исто така, сами го ископале.
Крадците од 1995 година. беа уапсени и осудени, потсетуваат медиумите.