Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со Нилс Мужниекс, Комесар за човекови права на Советот на Европа.
Вицепремиерот Османи на почетокот на средбата потенцираше дека оваа Влада е фокусирана на имплементацијата на реформите потребни за членство во ЕУ и постигнување на конкретни резултати во сите области, вклучувајќи ја и областа на почитување на човековите права, кои се составен дел на владеењето на правото, но и се важни за напредокот во пристапувањето во ЕУ. Во оваа насока тој исто така додаде дека Владата посветено работи и на имплементацијата на сите препораки предвидени во различни документи на Советот на Европа.
“Од самиот почеток оваа Влада работи на две паралелни траектории: Имплементација на реформите од Планот 3-6-9, но и затворање на отворените политички прашања, како што е изградбата на добри односи со соседите, и целосно спроведување на Охридскиот Рамковен Договор”- изјави Османи. Во тој контекст Османи изрази надеж дека ќе се надминат политичките блокади на Собранието, и Законот за употреба на јазиците, како еден од клучните закони со кој се регулираат основните човекови права на најголемата етничка заедница, албанската – ќе биде усвоен.
Вицепремиерот Османи за време на средбата со комесарот Мужниекс додаде дека како дел од Планот 3 6 9+ се спроведуваат мерки за исполнување на препораките на Комитетот против тортура на Советот на Европа како и мерки за подобрување на условите и капацитетите на казнено-поправните установи, спроведување на алтернативни санкции и подобрување на здравствената заштита и безбедност. Османи нагласи дека очекува овие мерки значително да ги подобрат условите за работа на овие институции, но и значително да придонесат во заштитата на човековите права.
Османи во рамки на разговорот го информираше Комесарот Мужниекс дека Македонија ги започна преговорите со ЕК за статусниот договор за соработка со ФРОНТЕКС, со цел нејзино финализирање што е можно поскоро и дека е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика со цел да се зајакне спречувањето на трговијата со луѓе.