Во среда, од 10:30-13:00 часот во Холидеј Ин Скопје, ќе се одржи националната конференција за Промовирање на владеењето на правото и обезбедување на еднаков пристап до правда за сите како една од Целите за одржлив развој на Обединетите нации (ОН). Овој настан е во организација на Коалицијата Маргини, во партнерство со Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост ЕСЕ, чиј партнерски проект „Правно зајакнување на заедниците – заедничка рамка за правно зајакнување“ е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Целите за одржлив развој (SDG’s) претставуваат глобален повик за акција за да се стави крај на екстремната сиромаштија, да се обезбеди одржлива иднина, заштита на животната средина и да се овозможи луѓето да уживаат еднаквост мир и правда.
Коалицијата Маргини и Здружението ЕСЕ долги години работат на обезбедување на правна помош и застапуваат за унапредување на законската рамка за подобрување на пристапот до правдата. Доследната имплементација на Целите за одржлив развој ќе придонесат кон забрзување на овој процес, а за тоа е неопходна посветеност на државата во исполнување на обврските кои произлегуваат од Целите и активно вклучување на граѓанските организации.
Коалицијата Маргини и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост ЕСЕ, се надеваат дека учесниците на оваа конференција со своите искуства, ставови и предлози ќе придонесат кон дебатата за подобрување на имплементацијата на Одржливите цели за развој и подобрување на пристапот до правда за сите.