Дваесет и првото издание на омилената манифестација во 21 век оваа година ќе мине во знакот на исчекување за подобар живот, информираат од „Радио Бубамара“ во чија организација е доделувањето на наградите „Златна бубамара на популарноста“.
„Почитувани љубители на добра забава, чист воздух и подобар живот, пред нас е 21. издание на ‘Златна бубамара’, кое е задолжително. Бидејќи нема чист воздух и подобар живот, единствено што ни преостанува е – добрата забава! Ја затворија Универзална, ни го затворија Метрополис – ни остана само уште Борис! Затоа излезете од општествениот притвор и отворете порти за многу подобар живот! ‘Златна бубамара’ ќе се одржи за првпат во Вип-арената ‘Борис Трајковски’ на 22 февруари. Патни трошоци не ви признаваме, а за сè друго Че разговараме. И да знаете – колку и да трае, Че си седите!“, велат од организаторите.
Оттаму информираат дека дел од билетите ќе бидат пуштени во он-лајн продажба денеска (24 јануари), точно во 12:369 часот (не е грешка) преку www.mktickets.mk и на други продажни места кои се познати по продажба на билети.