Глобалната економија и геополитичките тензии паднаа во сенка на проблемите со кои денеска се соочија организаторите на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Обилните врнежи од снег се закануваат буквално да го затрупаат местото на кое ќе се одржи настанот на кој своето присуство го најавија многу светски лидери, меѓу кои и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Давос се наоѓа на швајцарските Алпи, па многумина од 3.000 учесници на Форумот имаа големи проблеми да стигнат до местото. Еден дел од главната железничка пруга бил затрупан од лавина, па многумина морале со автомобил или хеликоптер да пристигнат до монденскиот ски-центар.
Дел од состаноците веќе се откажани. Шефот на одделот за односи со јавност на Форумот, Адриан Монкц, рекол дека не се паметат вакви обилни врнежи од снег во последните 18 години.
На Форумот ќе присуствуваат и македонскиот премиер Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.