„ Инцидентот во Собранието ќе ја отрезни меѓународната заедница. Странците ќе помогнат колку што ќе можат да помогнат, меѓутоа тие не можат нас да не заменат, ние треба, секој од нас да биде на ниво на својата одговорност за да може работите да тргнат напред, вели претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тоа што се случи во Собрание каде на новинарите не им беше дозволено да ги следат настаните во собраниската сала на седницата на која се носеше буџетот, според Селмани е демонстрирање или покажување на вистинскиот однос на институциите во Македонија кон медиумите.
„Практично со тоа на јавна сцена се покажа дека во Македонија не се почитува слободата на изразување, гарантирана со Уставот на Македонија и со меѓународни договори коишто Македонија ги има потпишано. Мислам дека за жал се покажа дека кај институциите преовладува ставот дека медиумите се тука да информираат само за работи кои на нив им одговараат, само за фини работи, да се пофалат за нивните успеси. А, кога ќе се случат работи кои на нив не им се допаѓаат и не би сакале за тоа да бидат информирани граѓаните, тогаш медиумите се вишок. Тоа е пример како не треба да се третираат медиумите во едно демократско општество. Институциите не само што не се оградија од тоа, туку се обидоа да покажат дека се сè одвивало во рамките на процедурите на оваа земја, што реално не беше така“, вели Селмани.
За што тогаш жалеше државниот врв? Тие изразија жалење, а институциите не најдоа виновник за случувањата во Собранието.
Позитивно и добро беше што практично целиот државен врв се огради од тој настан и изрази жалење, меѓутоа тоа што како одговор го добивме од Министерството за внатрешни работи беше разочарувачки, не само за нас, туку мислам и за државниот врв, затоа што со таков одговор МВР практично ги стави во некоја незавидна позиција највисоките носители на јавни функции во Република Македонија и практично им кажа – Вие луѓе не знаете што зборувате, или во најмала рака зборувате на памет, затоа што акцијата е изведена во рамките на законот. МВР не одговараше на нашата претставка, ние бараме едно, тие зборуваат за друго, ние бараме да ни кажат кој дал противуставна и противзаконска наредба да се тргнат новинарите и кој бил вмешан во тоа новинарите да бидат исфрлени од галеријата, а тие ни кажуваат дека обезбедувањето не користело прекумерна сила. Мислам дека ние демонстриравме и како новинари и како Здружение висока демократска свест, затоа што сакавме работите да ги решаваме во рамките на институциите. Ако институциите не смогнат сили да го расветлат случајот и да ги казнат одговорните, тогаш ние немаме други средства освен нашите права да ги заштитиме преку судска постапка.
ЗНМ има формирано правен тим во кој ги испитува сите можности за тоа какви иницијативи да се поднесат пред нашите судови. Откако МВР не препозна прекршување , ако тоа се случи и во судовите, ЗНМ нема а запре тука, правдата ќе ја бара и во меѓународните судови.
„Ние ќе ги користиме сите легални форми да тераме правда, ако во тоа не успееме ќе ги искористиме сите демократски форми на притисок против владата, да постапува одговорно во овој случај. За формите, за начините ќе се договориме со колегите како треба да го вршиме тој притисок.И протести, штрајк, бојкот, сите тие форми се легитимни, прашањето е на проценка, кога тоа да се направи и на кој начин. Ние не исклучуваме ни една од тие форми на изразување на незадоволство и вршење на притисок овој настан да се расчисти. Ние ќе чекаме, ќе ја видиме реакцијата што ќе дојде од меѓународниот фактор. Веќе сме во комуникација со претставниците на Европската комисија, ние ги објаснуваме нашите ставови, подготвени сме да помогнеме да се излезе од ваквата ситуација, меѓутоа владата мора да покаже огромна политичка волја и спремност со конкретни чекори да покаже дека сака да ја санира состојбата, ако може да се санира, а може ако се сака и да преземе конкретни чекори за санкционирање на они што беа вмешани во тој настан“, вели Селмани.
Нагласува дека новинарите со ништо не придонесоа да се случи тоа што се случи, со ништо не ја попречија работата на Собранието, така да за новинарите се уште е несфатливо и нејасно зошто ние беа исфрлени од таму.
„ Секако дека Европската Комисија сака да помогне и ќе помогне, меѓутоа ако она што ние не сме подготвени да го прифатиме е дека овој инцидент не може да помине неказнето. Ние сме подготвени да учествуваме во напорите да се расчисти овој инцидент и на некој начин да се санираат последиците и да се обидеме во иднина да ги решаваме проблемите со кои се соочува оваа земја во сферата на медиумите. Но ние не можеме и да сакаме да преминеме преку овој инцидент, владата треба со конкретни мерки да покаже дека искрено жалат за тоа што се случи во Собрание, инаку ако тоа жалење не е проследено со конкретни чекори, мерки, тогаш јавноста тоа жалење ќе го сфати како чин на хипокризија, затоа што нема друг начин тоа да се разбере, ако вие жалите, а од друга страна тврдите дека се било според законот и Уставот. Ние таква порака пративме и до Европската Комисија, дека ние сме тука да го понесеме нашиот дел од одговорноста, но санирањето на штетите, излезот од оваа ситуација, враќањето на ситуацијата во нормала не зависи од нас, тоа исклучиво зависи од владата“, изјави Селмани.
ЗНМ ги прекин преговорите со Владата. Селмани вели, едно е вие да тврдите дека сакате да се интегрирате во ЕУ, а друго е на терен како се однесувате. Ако вашето однесување е неевропско, тогаш кој е тој од македонските граѓани којшто ќе верува во искреноста на оваа влада, дека навистина сака да ја интегрира земјата во ЕУ.
„Ние на некој начин и не сме свесни колку сме ние затворени како држава, меѓутоа сепак наша среќа е што ние сме во Европа и обидот работите да се извртуваат или да се спинуваат, мислам дека не поминува ниту во Македонија и покрај сите напори, а после средбите што ги имав со претставниците на ЕК мислам дека такви приказни нема да поминат ниту кај нив, затоа што работите се очигледни.Мислам дека после инцидентот што се случи, ќе се случи едно отрезнување на меѓународната заедница, не дека тие не сфаќаат кои се состојбите во Македонија. Странците ќе помогнат колку што ќе можат да помогнат, меѓутоа тие не можат нас да не заменат, ние треба, секој од нас да биде на ниво на својата одговорност за да може работите да тргнат напред“, вели Селмани.