Со цел зголемување на транспарентноста и директно вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки во локалната власт, вчера во салата на Советот на општината Гостивар беше презентиран предлог-буџетот на Општината за 2018 година и се дебатираше во врска со истиот.
Градоначалникот Арбен Таравари ги запозна присутните граѓани дека буџетот го изготвил раководител на Одделението за буџет и контрола, Садри Елези врз основа на податоците собрани од сите општински сектори и одделенија, јавните претпријатија, основните и средните училишта, како и детските градинки. Во оваа прилика тој го повтори јавниот повик што побрзо да се одржи седница на советот и на дневен ред да се стави предлог-буџетот на општината.
„Ги повикувам советниците кои ја сочинуваат 16-ката, да одржиме седница, да дебатираме за предложениот буџет, а потоа да го усвоиме истиот и така да ја направиме општината функционална. Нека служи како позитивен пример Советот на општина Тетово, каде што градоначалничката на Тетово, Теута Арифи иако нема обезбедено мнозинство, советниците од Алијансата гласаа за предлог-буџетот, и тој беше усвоен”, истакна Таравари.
Буџетот на Општина Гостивар за 2018 година претставува годишен план на приходи и расходи кои се опфатени во основниот буџет, буџетот од самофинансирачки активности, донации, дотации и заеми. Истиот е планиран на 1.032863 денари (околу 16.8 милиони евра), во споредба со буџетот од минатата година беше 6,3% помал. Составувачот на буџетот, Садри Елези информираше дека намалувањето се појавува поради фактот што планирањето на буџетот за оваа година е многу реално и дека очекува реализацијата да биде на ниво од 95%.
„Основниот буџет е планиран на 356.000.000 денари, од кои 32,20% од приходите се очекува да дојдат од комунални такси, 30% од трансфери и 19% од данокот на имот. Во однос на планираните расходи од основниот буџет, карактеристичен е фактот што капиталните расходи се предвидени на 120.700.000 денари или околу 34%, што претставува висок процент со оглед на тоа дека просекот во македонските општини се движи околу15-20 отсто”, подвлече Елези.
Вреди да се спомне дека Општина Гостивар, од својот буџет издвојува 700 илјади евра за тековни и капитални расходи за основното и средното образование и за градинките, поради тоа што дотациите од централната власт не се доволни. Состојбата ја отежнува фактот што само 5% од средствата се наменети за трошоци, додека 95% од средствата одат за плати и надоместоци.
За културни манифестации, спорт и рекреација, како тековни и капитални расходи предвидени се 8,2 милиони денари (околу 135 илјади евра).
По презентацијата на планираниот буџет се разви широка дебата. Сите забелешки и предлози од присутните граѓани се заведоа и оние кои ќе се оценат за разумно, ќе се земат предвид и ќе бидат изложени на седница.