Управата за финансиска полиција поднесе уште една кривична пријава за лице инволвирано во незаконско постапување во проектот за играната серија „Македонија“. Кривичната пријава, како што пишува во соопштението на УФП, е поднесена против В. Г. , управител на Друштво за филмска и видеопродукција „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје.
Лицето е осомничено дека сторил кривично дело Поттикнување и Злоупотреба на службена положба и овластување.
Тие појаснуваат дека спротивно на член 37 од Законот за филмска дејност, иако имал обврска 65% од доделените парични средства наменски да ги потроши во Р Македонија, во три наврати откупил девизни средства и ги префрлил на фирми во Р Хрватска и САД, како и на сметката на неговата фирма „Јадран филм продакшн сервис“ Д.О.О Загре, која е и основач на „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје, на кој начин се стекнал со противправна имотна корист на штета на Агенцијата за филм на Р Македонија за износ од 34.428.357 денари.
За двете кривични дела за кои се товари Винко Грубишиќ, Кривичниот законик предвидува максимална казна затвор од 8 години.