Началникот на Управата на криминалистичката полиција Витомир Бијелиќ денеска изјави дека полицијата и државното обвинителство сметаат дека во синоќешната експлозија на Алеја Болоња, во западниот дел на Загреб, како и во експлозијата на железничката станица Подсусед пред два дена, нема елементи на терористички акт и засега се сметаат како чин против општата безбедност.
Експлозиите имале за цел да ја вознемират јавноста и да го доведат во опасност животот на граѓаните, како и оштетување на имотот.
Во вчерашниот инцидент едно лице е повредено, но нема опасност по неговиот живот. Според порталот Индекс, неофицијално, полицијата го испитува повреденото лице, под сомение дека токму тоа е одговорно за експлозиите.
Хрватската полиција привела 14 лица осомничени за инцидентот. На загрепските улиици се наоѓаат пожарникари, полиција и специјални единици.
Во моментот на местото е вистински хаос. Полицијата го пренасочува движењето во тој дел на градот. Полицајци со автомати ги запираат и претресуваат сите автомобили.
Полицајци со автомати ги запираат и претресуваат сите автомобили кај железничката станица Подсусед, исто така во западниот дел на Загреб, каде што завчера при преминување на товарен воз одекна силна експлозија, која предизвика сериозни материјални штети.