По речиси три часовна расправа, исполнета со жолчна дебата, обвинувања и контраобвинувања, седницата на редовното годишно Собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) е прекинато.
На Собранието кое брои 43 полноправни членови, присутни се 29 члена со право на глас. Откако клубовите Работнички и Куманово, побараа на се вметне нова точка на дневниот ред на која делегатите ќе гласаат за доверба на раководството на МКФ предводено од Петар Наумовски, тензиите кои ги имаше и пред собранието дополнително се подгреа.
Претседателот Наумовски ги повика делегатите и подносителите на иницијативата да ја почитуваат процедурата и актите на МКФ, односно да поднесат барање за свикување на Изборно Собрание.
„Ве повикувам да заборавите на изведување пуч на овој начин. Следете ја процедурата, побарајте Вонредно Собрание и јас ќе го свикам и ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, потенцира Наумоски.
Откако не беше најдено решение, дали точката треба да биде на дневен ред, седницата е прекината, но барем за момент.
Причина е и предвидената свеченост на која треба да бидат доделени признанијата за најдобрите во мак-баскетот за 2017 година, церемонија која требаше да стартува во 19 часот.
Според најавата, по завршувањето на свеченоста, би требало делегатите на Собранието да продолжат со работа.