Новак Ѓоковиќ ќе се обиде да постигне нешто што не е направено во професионалната ера во тенисот, а тоа е да го освои по трет последователен пат Отвореното првенство на Австралија.
Србинот е шампион во последните две сезони во Мелбурн. Турнирот оваа година започнува на 14-ти јануари.
“Го сакам овој турнир. Терените тука ме враќаат на најубавите спомени во мојата кариера. Ги сакам тврдите терени, условите во целина и ќе дадам се од себе да го освојам трофејот”, коментираше Србинот.
Самиот Ѓоковиќ може и да се израмни со Роџер Федерер и Андре Агаси, кои се единствените натпреварувачи со по 4 титули од Австралија Опен.
“Новак е фаворит во Австралија. Тој беше најдобар играч на тврди терени во последните неколку години. Енди Мареј исто така, игра одлично. За жал Рафа нема да биде таму”, изјави од своја страна Роџер Федерер.
“Ми се допаѓаат тензиите од тоа да играм со новата генерација на тенисери. Сега треба да работам уште поцврсто за да останам на врвот со најдобрите”, додава Новак.