Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај продолжува со изјавите дека тој ќе биде идниот косовски премиер.
Само што беше ослободен од Трибуналот во Хаг, поточно од мигот кога се врати на Косово, Харадинај речиси не пропушта ниту едно јавно појавување а да не ја каже желбата дека сака да биде премиер на Косово.
Според весникот „Зери“, Харадинај тоа го сторил и по вчерашната средба со раководството на обединетите независни синдикати на Косово, јави дописникот на МИА.
Тој искажа убеденост дека набрзо Косово ќе има нова влада, која, според него, ќе се формира без да се оди на избори, преку коалиција меѓу Демократската партија на Косово на Хашим Тачи и Алијасната за иднина на Косово, пишува Зери.
– Јас верувам дека Косово набрзо ќе има нова влада. Но, календарот за избори важи. Ние сме кажале дека овие два процеса не влијаат еден на друг. Значи, сега може да се случи договор за влада, но тоа не го менува календарот за избори. Изборите ќе се одржат врз основа на календарот, изјавил Харадинај.
Повикувајќи се на партиски извори, медиумите тврдат дека е веќе договорено Харадинај да дојде на местото на актуелниот премиер Хашим Тачи, кој пак се подготвува да биде нов шеф на државата.