Дводневна меѓународна конференција „Аудиовизуелно образование – иднина или сегашност?“ на „МакеДокс“

Од:

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ на 11 и 12 декември во кино „Фросина“ во МКЦ во Скопје ја одржа Меѓународната конференција „Аудиовизуелно образование ‐ иднина или сегашност?“, која беше завршна активност на проектот „Ние сме визуелни ‐ едукација и аудиовизуелизација на човекови права“, финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права на Европската Унија, и на проектот „МакеДокс во училница“, финансиран од страна на Националната Фондација за демократија од Вашингтон. На конференцијата присуствуваа 114 учесници од Македонија, Романија, Хрватска, Косово, Холандија, Германија, Босна и Херцеговина и Италија. Меѓу учесниците имаше наставници, ученици, членови на здруженија на граѓани, филмски автори и работници и претставници на образовни институции.

Користењето на аудиовизуелни содржини во наставата е присутно во сите земји од кои имаше учесници. Најчесто се користат документарни филмови и тоа како помошно нагледно средство во општествените науки и изучувањето на јазиците. Заеднички е заклучокот дека користењето на аудиовизуелни содржини во образованието е доста позитивно и потребно и треба да се превземат чекори за негово интензивирање.

„За огромниот потенцијал на аудиовизуелните содржини, односно филмот за распространување на информации, ставови и вредности до поширока публика е излишно да зборуваме. Тој потенцијал во минатото и сегашноста честопати и се злоупотребува – за пропаганда, за поттикнување омраза и насилство, но замислете колкави се можностите за поттикнување на критичко промислување, отворени ставови, почитување на човековите права и мултикултурализмот.
Внесувањето на авторскиот – креативен документарен филм во училиштата, покрај информативната вредност носи и сознанија и слики од различни делови од светот, нуди различни перспективи од востановените, поставува прашања, отвора простор за дискусија. Креативната документарна форма е тренд во светот и ние, преку овој пристап на ’МакеДокс‘, можеме да се пофалиме дека сме во чекор со тој тренд“, рече министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на конференцијата.

Бирото за развој на образованието во рамките на својата дејност за развој и збогатување на воспитно-образовниот процес во повеќе наврати покажа дека го поддржува и се залага за употребата на визуелизацијата и на дигиталните содржини во образованието, додека Агенцијата за филм потенцира дека спроведувањето на ваков вид настава не само што ќе придонесе за поефикасен едукативен процес, но и ќе влијае и кон зближување на младите кон оваа форма на уметност и стекнување знаења за истата, од каде може да произлезат и квалитетни автори во филмската дејност.

На крајот од меѓународната конференцијата се формираа работни групи на кои се дефинираа позитивните аспекти од користењето на аудиовизуелни содржини во образованието и чекорите кои сите засегнати страни треба да ги превземат за негова поголема интеграција.

На конференцијата беа дефинирани следниве позитивни страни од употребата на аудиовизуелни содржини во образованието: Поттикнуваат дискусија, креативност и критичко размислување; Овозможуваат поголема инклузивност и инволвираност на сите ученици; Овозможуваат полесно и подобро разбирање, совладување и помнење на содржините; Зголемен е интересот и концентрацијата на часовите; Зголемена е мотивацијата и интеракцијата и кај учениците и кај наставниците; Овозможуваат пренесување на позитивни вредности, ставови и норми; Поттикнуваат емпатија и емоционално учење; Ја подобруваат атмосферата и односот кон наставата и часот.

Како најчести пречки за користење на аудиовизуелни содржини во наставата беа посочени: Немањето на технички предуслови во училиштата (компјутер, проектор, интернет, адекватна простотрија). Истите или ги нема или ако ги има не се достапни или се во лоша состојба; Недоволната „стручност“ или спремност на наставниците да користат вакви содржини во наставата; Недостиг или недостапност на аудиовизуелни содржини адекватни за наставните планови, со адекватна должина за час (максимум 15 минути), на адекватен јазик или со обезбеден превод; Немање на поддршка од управата на училиштата за користење на аудиовизуелни средства.

Беа дефинирани и препораки или чекори кои треба или би можеле да ги направат сите страни кои учествуваат во овој процес:
– Образовните институции би требало да инвестираат во обезбедување на техничките потреби за реализација на аудиовизуелна настава (АВ опрема, интернет, ВОД-платформа со филмови по теми), да остварат поблиска соработка со културниот и аудиовизуелниот сектор, да обезбедат обуки за наставниот кадар за користење на аудиовизуелни содржини, да ги ревидираат наставните планови за да поттикнуваат и овозможуваат имплементација на вакви содржини);
– Аудиовизуелниот сектор (филмаџиите) би требало да создава повеќе содржини погодни по тема и должина за користење во наставата на учениците од сите возрасти и предмети; користењето на овие содржини во образовни цели да е бесплатно; да организираат бесплатни училишни проекции во кино; да соработуваат и помогнат во формирањето на филмски клубови во училиштата, во обука на учениците и наставниците за создавање и користење на аудиовизуелни содржини и да остварат подобра соработка со образовните институции;
– Наставниот кадар во училиштата би требало да соработува повеќе со невладиниот и аудиовизуелниот сектор; наставниците да се обучуваат за употреба на аудиовизуелни содржини во наставата, а наставниците, кои биле на обуки или добиле аудиовизуелен материјал по пат на дисеминација и пренесување на искуства и знаења, треба да го направат достапен на сите колеги; да поттикнат создавање на филмски клубови и аудиовизуелни содржини; да го промовираат користењето на аудиовизуелни содржини ;
– Здруженијата на граѓани би требале да остварат поблиска соработка со училиштата и филмскиот сектор, да ја поттикнат јавната дебата и вниманието на значењето од користењето на аудиовизуелни содржини во образованието и да ги користат овие содржини во своите активности;
Учениците би можеле самите да истражуваат, предлагаат и создаваат аудиовизуелни содржини кои би биле погодни за користење во наставата; да бидат проактивни и да споделуваат мислења, ставови и предлози за наставата; да поттикнат создавање и да учествуваат во училишни филмски клубови.

Проектот „Ние сме визуелни! Едукација и визуелизација на човековите права“ започна како партнерски проект меѓу „МакеДокс“, „Студиорум“ од Скопје, „Документ“ од Глазгов, Нирнбершкиот меѓународен филмски фестивал за човекови права и филмскиот фестивал „Филмови кои значат“ од Амстердам, со цел да ги унапреди човековите права во образованието преку употреба на документарни филмови.

„МакеДокс во училница“ е проект кој има за цел да ја поттикне употребата на документарни филмови во формалното образование, како и развојот на едукативни материјали кои ќе го олеснат разбирањето на темата и прашањата што овие филмови ги отвораат.

„МакеДокс“ е здружение на граѓани кое има за цел да го промовира и стимулира креативното документарно филмско творештво. Основано е во Скопје во 2010 година. Во изминатите осум години прикажа преку 350 креативни документарни филмови на околу 60.000 посетители на меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје; на околу 7.700 посетители на проекции од Патувачкото кино во 58 населени места и села; на околу 1.500 ученици од основните училишта во Скопје кои ја следеа програмата за деца и млади во Кинотеката во Скопје; на 300 наставници од основните и средните училишта низ целата земја кои користат документарни филмови во наставата и околу 80.000 ученици кои гледаат документарни филмови на часови.

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска